Државниот завод за ревизија денеска објави конечен извештај за усогласеноста на тема „Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, кој го покрива работењето на секторот од 2012 до 2021 година. „Најсочниот“ наод е дека повластените мали хидроелектрани, чија произведена електрична енергија државата мора да ја купи, инкасирале вкупно 90 милиони евра за електрична енергија која по пазарните цени би чинела 49 милиони евра. Или, дополнителниот ќар изнесува 41 милиони евра
Освен што инвеститорите во мали хидроелектрани имаат астрономски ќар од експлоатацијата на водата како природно богатство, Државниот завод за ревизија открива низа „дупки“ во целиот процес на планирање, издавање дозволи и контрола над целиот процес
Пред две и пол години, екипа на „360 степени“ отиде во реканскиот крај. Причината беше вест која ги надминува границите на регионот – на Жировничка река требаше да се градат мали хидроелектрани и покрај негодувањето на локалното население кое токму од таа река пие вода.

„Ние чекаме секој ден – некој од повисоко ниво, некој од Влада да дојде и да го праша ова месно население, дали сакаме или не сакаме хидроцентрали? Јавна дебата не е отворена. Од увидот во документите кои ги поседува локалната самоуправа, како што сега ги поседуваме и ние, со одобрение на инвеститорот, увидовме дека голем дел од проблемите и оние работи кои претходно треба да бидат изработени, од студии, елаборати, сметаме дека се правени канцелариски затоа што не соодветствуваат со фактичката состојба на терен. Конкретно ќе дадам пример – станува збор за издашноста на вода на изворите, каде мерења не се вршени, ви гарантирам, најмалку 20 години.“
ни изјавија Аднан Салиу и Анес Ахмети од месната заедница Жировница, на 15 јули 2019 година.
Тогашните протести на локалното население ја принуди локалната власт во општината Маврово и Ростуша да ги прогласи за ништовни одобренијата за градење на двете мали хидроцентрали во Националниот парк Маврово, на Жировничка река. Не дека општината направи нешто противзаконски, туку напротив, протестите на населението ја натераа општината да го направи она што веќе требаше да го направи самата бидејќи инвеститорот немаше почнато со градежни активности во рокот предвиден во првичната градежна дозвола.
Колку пари чини „зелената“ енергија
Зошто некој упорно би сакал да инвестира во нешто што предизвикува толку револт? Досега одговорот на ова прашање можеше да се претпоставува. Од денеска – се знае. Државниот завод за ревизија, по повеќемесечна работа, објави ревизија на успешност под наслов „Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија за периодот од 2012 до 2021 година“.
Нека не ве залажува насловот. Јазикот на ревизорите е таков што мора да биде технички точен, но тоа не мора да значи дека она што е внатре не е интересно. Напротив, меѓу бројните запрепастувачки факти е и „најсочниот“ – за девет години, повластените мали хидроелектрани инкасирале 90 милиони евра за произведената електрична енергија. Велиме повластени, затоа што државата се договора со нив да им ја откупи сета произведена електрична енергија по повластени цени. Но, количеството на енергија која државата го купила за 90 милиони евра, велат од Ревизија, на слободниот пазар чинела околу 49 милиони евра. Значи, екстра ќарот на бизнисот е 41 милиони евра. Тоа се многу милиони причини да се гради нешто и покрај негодувањето на локалното население.
А кога ќе се вкрстат потрошените пари со ефектот, станува проблематична целата формула. Според ДЗР, во 2020 година малите хидроелектрани учествувале со само 4% во вкупното производство на електрична енергија.
„Имајќи го предвид наведеното се доведува во прашање оправданоста на доделените концесии и ЈПП и нивното понатамошно работење под истите услови“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Пари има, недостасува речиси се друго
Ако пресметката на соодносот вложено-добиено ги довела ревизорите до заклучок дека нема баш многу логика секторот да продолжи со работи според истите услови, другите наоди би требало да предизвикаат барем интерес кај инспекциските и истражните органи.
Според ДЗР, има фалинки во целиот систем. Некои од нив се:
- стратешките документи (пред доделувањето на лиценци за мали хидроелектрани н.з.) се донесени без направена стратегиска оцена за влијанието врз животната средина;
- постапките за доделување на концесии за користење на вода за производство на електрична енергија се спроведени без направена оцена на влијанието врз животната средина;
- слабостите при изадавањето на дозволите и неефикасната контрола… овозможиле користење на вода без обезбедена дозвола за водно право;
- нема воспоставена водна книга во Министерството за животна средина и просторно планирање;
- министерствата за економија и за животна средина немаат доволно капацитети и меѓусебна координација за следење на концесиската дејност;
- нема доволно водостопански инспектори и друго.
За надминување на состојбите, ревизорите издале и препораки до надлежните лица во институциите. Во нив има и детали – кои активности и мерки треба да се спроведат.
Ревизорите напишале и дека поради недостатоците во институциите, можно е да трпи буџетот на државата, односно да тужат инвеститорите кои не можат да почнат со градба не поради непријателски настроени граѓани, туку поради неефикасни институции кои ги кршат роковите и правилата.


МХЕ Тополка 315 – пред и по изградбата
На заклучоците и препораките од ревизијата, барем според објавениот извештај, реагирала само Управата за животна средина – сектор за води, при Министерството за животна средина и просторно планирање. Институцијата имала неколку забелешки, пред се во врска со оцените за влијанијата врз животна средина.
Во тој дел, од државниот орган цитираат неколку законски одредби за да дојдат до заклучокот дека:
„Согласно горенаведените одредби од Законот за животна средина, за секоја пооделна предвидена мала хидроелектрична централа е спроведена постапка за оцена на влијанието на животната средина пред издавање на дозволата за користење на вода, што претставува еден од условите за склучување на договорот за концесија определен со тендерската докуменација“,
тврдат од Управата за животна средина – сектор води.
Ревизорите, сепак, не ја прифатиле оваа забелешка.
„Имено, не оспорувајќи дека за секоја МХЕ е спроведена постапка за оцена на влијанието врз животната средина пред издавање на дозволата за користење на вода, ревизијата утврди состојба на нецелосно извршени подготвителни работи за доделување концесија, утврдени со член 16 од Законот за концесии и ЈПП од 2012 година, кои освен изработка на физибилити студија за оправданост на доделување концесија, вклучуваат и процена на влијанието врз животната средина на концесијата, а истата е предвидена и со член 76 и 77 од Законот за животната средина“
одговориле од Државниот завод за ревизија.
Ревизорскиот извештај на ДЗР е засега најсилниот документ од државна институција кој сериозно го проблематизира инвестирањето во мали хидроелектрани. Поточно, не се проблематизира идејата, туку реализацијата.
Документот автоматски е и најсилниот аргумент на жителите во местата како Жировница и тој секако ќе им се најде. Бидејќи иако во Маврово беа поништени решенијата за градење, тоа беше победа во само една битка. Војната продолжи. Инвесторите на Жировничка река во меѓувреме побараа продолжување на роковите, што Владата им го одобри годинава, па сега случајот повторно е во општината.