Новиот лидер на СДСМ рекол дека владата што ќе ја предводи ќе биде составена од докажани професионалци, а работата ќе биде насочена кон ефикасност на институциите, решавање на предизвиците со енергетската и ковид-кризата, како и неселективната борба против корупцијата, што ќе доведе до напредок во евроинтеграцискиот пат на државата

Од бугарскиот премиер Кирил Петков има одредени сигнали за заедничко прифатливо решение за евроинтеграциите на земјава. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат по вредностите и стандардите на ЕУ. Затоа ќе се посветиме на реформите кои овие вредности ги носат во нашата држава, истакна новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната средба со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.
На средбата, Ковачевски му се заблагодари на Гир за постојаната поддршка од ЕУ и истакна дека како новоизбран лидер на СДСМ и иден претседател на Владата има поставено неколку приоритети во работата.
Тој наведе дека новата влада што ќе ја предводи ќе биде составена од докажани професионалци, а работата ќе биде насочена кон ефикасност на институциите, решавање на предизвиците со енергетската криза и ковид кризата како и неселективната борба против корупцијата, а кои ќе доведат до напредок во евроинтеграцискиот пат на државата.
Евроамбасадорот во земјава, Гир упати честитки до Ковачевски за неговиот избор и додаде дека и тој и новата Влада ќе продолжат да имаат силен сојузник во ЕУ и дека тоа ќе се покаже на дело. Тој посочи дека Унијата ќе помогне да се дојде до заедничко прифатливо решение со Бугарија со цел Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ.