Хрватскиот весник „Јутарњи лист“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека одлуката да ја откаже посетата ја донел исклучиво Милановиќ, а дека разузнавачките служби само му доставиле информации дека во БиХ нема да биде добро пречекан

Од безбедносни причини е откажана најавената денеска посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на Босна и Херцеговина (БиХ) и неговото присуството на настанот по повод 28-годишнината од хуманитарниот конвој „Белиот пат кон Нова Била и Босна Сребрена“, соопшти Кабинетот на претседателот на Хрватска.
„Одлуката за откажување на посетата се заснова на безбедносната проценка на надлежните институции на Република Хрватска. Претседателот Милановиќ изразува жалење што нема да учествува на одбележувањето на овој значаен настан за Хрватите од Лашванска долина и изразува силна поддршка и благодарност до организаторите за зачувување на споменот на хуманитарниот конвој“,
велат од кабинетот на Милановиќ.
Хрватскиот весник „Јутарњи лист“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека одлуката да ја откаже посетата ја донел исклучиво Милановиќ, а дека разузнавачките служби само му доставиле информации дека во БиХ нема да биде добро пречекан.
Овој, но и други медиуми во Хрватска, потсетуваат и на контроверзните изјави што тој ги има во врска со БиХ, а кои кулминираа во однос со неговите ставови за геноцидот во Сребреница. Според Милановиќ, постојат „различни видови на геноцид“ и тој во Сребреница, според него, не може да се стави на исто ниво како геноцидните за време на Холокаустот.