Покрај во Белград, протести се одржаа и во Сомбор, Горњи Милановац, Ужице и др. Во некои градови полицијата идентификувала граѓаните и новинари, а во некои ги фотографирала демонстрантите. Во Нови Сад и Ниш, пак, оваа сабота не се протестираше

Организацијата Еколошко востание денеска во Србија одржа протести против плановите на компанијата „Рио Тинто“ да отвори рудник за литиум во областа Јадар кај Лозница. Најголемиот собир оваа сабота беше пред владината зградата во Белград од каде порачаа дека ако до Божик не се избрише проектот „Јадар“ и не се раскинат сите договори со „Рио Тинто“ ќе има нови блокади и општа мобилизација.
Организаторите на собирот ги повикаа граѓаните на протест откако од Просторниот план на градот Лозница беше избришан рудникот на компанијата „Рио Тинто“. Тие нагласија дека тоа е „еден успешен чекор“, но дека сè уште не веруваат на зборот на властите и оти тоа не е доволно, па бараат да се укине и уредбата на Владата за Просторниот план од минатата година.
Покрај во Белград, протести се одржаа и во Сомбор, Горњи Милановац, Ужице каде полицијата ги идентификуваше и граѓаните и новинари. Се протестираше и во Врање каде имаше и перформанс против „Рио Тинто“. Во некои градови, пак, полицијата ги фотографирала демонстрантите. Во поголемите градови како Нови Сад и Ниш, каде претходно се одржуваа протести, денеска не се протестираше.