Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на новиот претседател на СДСМ да се одважи и да излезе на предвремени избори, за да си го потврди легитимитетот, затоа што во спротивно „ќе остане во гнездото на Заев“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција, повторно побара вонредни парламентарни избори, посочувајќи на последното бугарско вето за нашата земја и блокадата на почетокот на преговорите со ЕУ.
Мицкоски апелира во февруари или во март следната година да се формира преодна влада, а изборите да се одржат во мај или во јуни.
Потоа, одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дека се согласил за премиер Албанец, Мицкоски предложи на чело на преодната Влада да биде претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и тој, како што рече, да ја реши енергетската и економската криза. Притоа рече дека очекува и ДУИ да го поддржи Гаши за премиер.
Претходно, опозицискиот лидер повторно ја повика Алтернатива да се откаже од коалицирање со СДСМ и со ДУИ, затоа што земјава повторно не доби датум за прва меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.
„Со најновата блокада испаруваат последните причини партнерите на власта и натаму да бидат дел од оваа власт која не оддалечува од ЕУ. Ако Кастриот Реџепи, кој кажуваше дека срцето му е во Вашингтон и во Брисел, и Алтернатива држат до зборот очекувам да излезат јавно и да кажат дека нема причини да продолжат да ја поддржуваат ова власт. Во спротвмо покажуваат дека имаат други мотиви за учество во цласта. Нема простор за еврооптимизам со СДСМ и со ДУИ на власт“,
рече Мицкоски.
На новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, му порача да се одважи и да излезе на предвремени избори, за да си го потврди легитимитетот.
„Би му порачал на Ковачевски да излезе на избори и да побара доверба од граѓаните. Во спротивно, засекогаш ќе остане во гнездото на Зоран Заев“,
рече Мицкоски.
Според него, Владата нема стратегија за надминување на спорот со Софија, додека, како што рече, бугарските барања се зголемуваат, а министерот за надворешни работи „преговара за јазикот – нешто за што не се преговара“.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека кон овој проблем треба да се пристапи така што ќе бидеме отворени кон сите соседи, ќе им даваме почит на сите, но нема да коленичиме и да тргуваме со нашиот идентитет. Да се придржуваме до рамката во Резолуцијата што ја донесе македонското Собрание. Наместо тоа, гледаме што се случува – Бујар Османи си прави маркетинг, Зоран Заев и Димитар Ковачевски си прават состаноци, а Стево Пендаровски се радува на новиот пристап, додека Македонија и граѓаните добија ново вето“,
рече Мицкоски ма денешната прес-конференција.