Во однос на зголемувањето на миминалната плата, пак, ОРМ ја поддржува програмската определба на Владата за постепено достигнување на нивото на минималната плата од 18 000 денари, до крајот на владиниот мандат
Од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) сметаат дека во овој момент е направен добар компромис помеѓу барањата на синдикатите и реалните можности на бизнис секторот во однос на предложените измени во Законот за работни односи и Законот за трговија, со кои се доуредуваат одредбите за прогласување на недела за неработен ден.
Но, укажуваат и дека предложеното законско решение во кое се прави избор на дејностите кои поради природата на дејноста ќе можат да работат и во недела, носи ризик некои дејности да бидат изоставени од таа листа.
„Затоа сметаме дека уште во текот на собраниската расправа за овие законски измени, како и во текот на имплементацијата на Законот, ќе мора да се води сметка за евентуално дополнување на листата на дејности кои имаат право да работат во недела“,
стои во соопштението.
Во листата на дејности кои ќе имаат право да работат во недела од ОРМ ги посочуваат дејностите за производство на цемент, каде поради карактерот на технолошкиот процес не може да се прекинува работењето во недела. Исто така ја посочуваат и дејноста за изградба на патишта и железници, каде поради временските услови може да дојде до прекин на работата во текот на работните денови, а изгубените работни часови да мора да бидат надоместени во недела.
Во однос на зголемувањето на миминалната плата, ОРМ ја поддржува програмската определба на Владата за постепено достигнување на нивото на минималната плата од 18 000 денари, до крајот на владиниот мандат.
„Остануваме на својот став дека до реално зголемување на платите и подобар стандард на целото население во земјава може да се дојде само преку здрав и одржлив економски раст, кој ќе се темели на пораст на продуктивноста и конкурентската способност на компаниите. Затоа, во следниот период мора повеќе да се вложува во нови технологии, дигитализација и автоматизација, а државата да создаде поволен економски амбиент за да се реализираат ваквите инвестиции“,
се наведува во соопштението од ОРМ.
Оттаму сметаат дека постојните законски норми овозможуваат на фер начин да се одреди реалната вредност на минималната плата, на начин што се врши годишно усогласување на висината на минималната плата со растот на просечната плата, како и со индексот на трошоците за живот. Со тоа, како што велат од ОРМ, се компензира растот на цените на основните производи од кои во најголем дел зависи животниот стандард на населението.
Претходно, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) излезе на протест барајќи прогласување на недела за неработен ден, а оние кои ќе работат в недела да добијат соодветен паричен надомест. Од ССМ имаа и барање минималната плата да изнесува 60 отсто од просечната плата, а бараа и спирално зголемување на сите други плати согласно колективните договори.