Согласно Законот за Владата и договорите од Пржино од 2016 година, техничкиот министер за внатрешни работи во мандатот на преодната влада има право да изврши само 15 промени во раководните структури на МВР, и тоа само по хоризонтална линија, а Чулев направил промени на 14 раководни места по хоризонтална линија и 131 распоредување по вертикална линија
Владата попладнево ја демантира изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека одлуката за поништување на решенијата и наредбите за распоредување на министерот се незаконски.
Во владиното соопштение се истакнува дека согласно Законот за Владата и согласно договорите од Пржино од 2016 година, техничкиот министер за внатрешни работи во мандатот на преодната влада има право да изврши само 15 промени во раководните структури на МВР, и тоа само по хоризонтална линија.
До моментот на одржувањето на 9. седница, велат од Владата, техничкиот министер направил промени на 14 раководни места по хоризонтална линија и 131 распоредување по вертикална линија, што е спротивно на Законот за Владата и договорите од Пржино.
„На 9. седница, на која Владата донесе одлука да бидат поништени решенијата и наредбите со кои се налагаат кадровски промени по вертикална линија во структурата на МВР, на техничкиот министер за внатрешни работи Чулев детално му беа објаснети и протолкувани одредбите според кои тој не смеел да ги издаде тие решенија и наредби, и внимателно му се објаснети одредбите според кои Владата е овластена да ги поништи“, се вели во соопштението.
Министерот за внатрешни работи Чулев денеска на прес-конференција обвини дека на последната владина седница не се поништени пет, туку уште 124 решенија за распоредување во МВР што тој ги донел, а за кои воопшто не се расправало на седницата и не постои одлука. Притоа го обвини премиерот Оливер Спасовски за попречување на функционирањето на техничката влада и за кривично дело фалсификување службена исправа и злоупотреба на службената положба и овластување.