На Водно почнува нова битка – една дозвола е веќе дадена, втората е на пат за градби среде шумa
-Слушаме за ерозии, слушаме за тоа како низ годините биле вештачки пошумувани сите овие ридови, и како не е безбедно да се гради тука, сите овие работи ги слушаме и луѓето постојано доаѓаат, мерат и си го тераат своето, вели Леана Таќи жителка на Водно
Скопје одамна дише „на шкрги“, затоа што белите дробови на градот се пред колапс. Одамна е нападнат најголемиот извор на кислород, шумата на Водно, каде во моментов почнува нова битка. Ова се последните куќи на улицата „Питу Гули“. Веднаш над нив почнува стрмнина и шума. Пред неколку недели, овдешната тишина ја нарушил невообичаен лаеж на кучињата.
„Излегов да проверам што се случува и видов двајца луѓе како мерат. Ги прашав што мерат, ми кажаа, културно, се работи за таа и таа парцела, ми кажаа дека сега мерат за идејно решение“,
сведочи Леана Таќи, жителка на Водно.
Општина Центар дообјасни за што било мерењето на Водно.
„За конкретната парцела за која прашувате, до Општината пристигнати се барање за одобрување на идеен проект и барање за одобрување на урбанистички проекти, кои сѐ уште се во процедура“,
ни одговорија оттаму.
Погледнато од сателит, со зелена боја е означена куќата на семејството Таќи. Над неа, во моментов, почнува шумата. Но, според Катастарот, на местото на шумата има повеќе парцели, со различни намени. Веднаш над куќата на Таќи е мал појас од површина во државна сопственост. Над неа, пак, има две приватни парцели. Со жолта боја е парцела од околу 1 000 квадратни метри на еден од потенцијалните нови соседи, извесен Богдан Георгиевски.

„Нас како прво и прво не не третираат како први соседи, бидејќи тука позади мене треба да поминува улица, којашто во ДУП ја има улицата, но во фактичката ситуација, секој кога ќе дојде овдека и кога ќе го види теренот и ќе види што се случува овде останува со поткренати раменици, затоа што тука под број 1 нема пат, под број 2 и да се и да се прави тој пат теренот е стрмен, скоро е недостапно“,
вели Таќи.

Вторпат годинава овдешните жители алармираат за контроверзниот план за проширување на соседството.
Во април Истражувачката репортерска лабораторија објави дека градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, ја дал првата дозвола за градба во шумата, за парцелата означена со црвена боја. Сопственик на таа парцела е фирмата „Маркеза“ ДООЕЛ од Скопје, која, според ИРЛ, има деловни односи со фирмата БИСИ ДООЕЛ, инаку во сопственост на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Дента кога снимавме на Водно и на таа парцела беше раздвижено.
„Не би сакале да не снимате ние сме си службено овде..
–Па да, затоа и ве прашуваме.
Службено сме од Град Скопје, барање има поднесено ‘Маркеза’ за сечење на дрва во приватен имот.
–Сечење дрвја...
Да“,
ни кажа една од службеничките.
Во текстот на ИРЛ е пренесена и изјава на архитектот Мирослав Грчев дека е противзаконски да се издаде дозвола за градба ако до неа нема пристапен пат, како со спорните парцели во случајот. Екс-градоначалникот Богдановиќ, пак, за „360 степени“ тврди дека сообраќајниот пристап може да се прави паралелно со градбата.
Службениците на Град Скопје кои ги затекнавме не ги засега како е издадена дозволата, кога веќе е издадена. Објаснија дека мора да постапуваат ако не е заштитено шумско подрачје и дека ќе мора да дадат дозвола за сеча на шумата, оти е на приватен имот.

Слична судбина, најверојатно, ја чека и другата парцела за која одобрението за градба е во процедура.
Дали новиот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, ќе ги следи стапките на својот претходник и ќе го одобри барањето за градење среде шума на Водно? Што е пресудно, легалниот тек на барањата за градење или јавниот интерес? Кој ќе ја гарантира безбедноста? На овие прашања Герасимовски одби да говори пред камерата на ‘360 степени’ и побара да му се обратиме писмено. Одговорите не стигнаа ниту по писмен пат.
Ако се „аминува“ градба и на втората локација за која алармираат водњанци, се отвора патот и до многу позвучните парцели во овој дел на Водно.

Над парцелите и околу парцелите на „Маркеза“ и на Богдановски е распослан имот на фирмите „Ексико“, „Кара“ и „Манд-Интернационал“. „Ексико“ чие тајно сопствеништво завршува во Швајцарија. „Кара“ е фирма во сопственост на семејството Камчеви, а „Манд“ е на поранешниот кошаркар и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Наумовски.
Урбанизацијата на овој потег ја скрои ВМРО-ДПМНЕ преку Советот на општина Центар, со кворум обезбеден со претседавачот, Мирослав Шиповиќ, кој целно беше притворен, па пуштен на слобода. Општинската надлежност да се донесе детален урбанистички план е дел од поширок, генерален урбанистички план на Скопје, кој одекна во некогашните опозициски „бомби“.
А Водно некогаш било „гола“ планина. Систематски е пошумувана за главниот град да се заштити од поплави. Со најновата одлука да се прогласи за заштитено подрачје од петта категорија, уште повеќе е намален опфатот на заштитена површина.

А Водно некогаш било „гола“ планина. Систематски е пошумувана за главниот град да се заштити од поплави. Со најновата одлука да се прогласи за заштитено подрачје од петта категорија, уште повеќе е намален опфатот на заштитена површина.
„Слушаме за ерозии, слушаме за тоа како низ годините биле вештачки пошумувани сите овие ридови, и како не е безбедно да се гради тука, сите овие работи ги слушаме и луѓето постојано доаѓаат, мерат и си го тераат своето“,
вели Леана Таќи.
Уште колку желби ќе може да издржи Водно?