Властите идентификуваа неколку илјади лажни сертификати што се користат низ цела Франција, изјави министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дармамен
Француските власти започнаа 400 истраги за мрежи кои обезбедуваат лажни ковид сертификати, во време кога се зголемува хоспитализацијата на пациенти со ковид-19, изјави министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дармамен.
„Властите идентификуваа неколку илјади фалсификувани сертификати што се користат низ цела Франција“,
изјави министерот Дармамен.
Тој рече дека имало околу 400 истраги за трговија со лажни сертификати, меѓу кои и некои кои вклучуваат здравствени работници.
Изминатите денови, вниманието на француските медиуми го привлече случајот со жена заболена од вирусот која починала во регионалната болница во Париз но, притоа презентирала лажен ковид сертификат. Доколку се знаело дека жената не е вакцинирана, веднаш ќе и дале третман со антитела, изјави шефот на одделението за интензивна нега.
Француските власти ги заострија правилата за здравствените сертификати, а тие се задолжителни за посета на сите угостителски објекти и за сè поголем број настани и локации. За да добие здравствено уверение, лицето мора да докаже дека е целосно вакцинирано, да има негативен тест во последните 24 часа или неодамна да прележал ковид-19.
Владата ги затвори ноќните клубови и ги заостри мерките за социјално растојание, но се обидува да избегне уште едно заклучување на земјата.