Новите правила за патување ќе важат од денеска до 8 јануари и имаат за цел да го спречат преносот на вирусот за време на зимскиот распуст
Романија воведе нови ограничувања за патување и мерки за изолација за оние што влегуваат во земјата, како дел од напорите на властите да спречат нова здравствена криза по појавата на сојот омикрон.
Новите правила за патување ќе важат од денеска до 8 јануари и имаат за цел да го спречат преносот на вирусот за време на зимскиот распуст. Тие вклучуваат: докази за негативен тест за ковид-19 и карантин за невакцинирани патници кои доаѓаат од места со епидемиолошкиот ризик. Од 20 декември ќе се применуваат формулари за локација на патниците со цел да се подобри следењето на инфекциите.

Но, додека властите се надеваат дека новите мерки за патување ќе спречат нагло зголемување на инфекциите и ќе го спречат ширењето на сојот омикрон, бидејќи многумина се враќаат дома за време на зимските празници, некои внатрешни ограничувања се олеснети.
Местата како продавници, кафулиња, трговски центри и ресторани сега можат да останат отворени до 22 часот, што е еден час подолго од претходно, а луѓето можат да влезат без сертификат за вакцинација, но со доказ за негативен тест на ковид-19. Повеќе не се потребни маски на отворени јавни места без метежи, а за клучните зимски празници – како што се Бадник и новогодишната ноќ – ограничувањата во однос на работното време се практично укинати.

Романија, земја со население од околу 19 милиони, во текот на октомври и ноември се соочи со катастрофална состојба и досега има потврдено три случаи на заразени со омикрон, за кој се смета дека е позаразен од претходниот вид на вирусот. Сите три случаи се откриени кај луѓе поврзани репатријација од Јужна Африка во Букурешт кон крајот на ноември.
Уште неколку други лица се позитивни на коронавирусот, а секвенционирањето е во тек, соопшти Министерството за здравство.
Министерот за здравство Александру Рафила по седницата на владата рече дека властите мора да им дадат надеж на луѓето дека можат „нормално да живеат во оваа земја“, но дека ако стапката на зараза се искачи над одредени прагови, мерките ќе бидат поништени.
„Оваа отвореност на владата се должи на интересот за враќање на животот во нормала во Романија“,
рече Рафила, но предупреди дека властите „не можат да ги игнорираат опасностите што следат“.
Драгош Захарија, лекар од примарна здравствена заштита во Пневмолошкиот институт „Мариус Наста“ во Букурешт, кој беше на првите редови во мрачниот период од октомври и ноември кога Романија имаше една од највисоките стапки на смртни случаи од коронавирус во светот, рече дека се неопходни мерки за релаксација, но дека тоа истовремено е и ризик.
„Го очекуваме петтиот бран. Загрижен сум дека работите би можеле повторно да излезат од контрола. Оваа рамнотежа помеѓу воздржаноста и слободата е мошне тешко да се постигне. Но, без релаксација, населението би можело да даде отпор кон идните мерки“,
смета Захариас.