И Бугарија и Романија не се дел од Шенген зоната, а ЕК претходно веќе бараше прием на овие земји во зоната истакнувајќи го како еден од приоритетите

Земјите-членки на ЕУ денеска го усогласиле заклучокот со кој потврдуваат дека Хрватска ги исполнила сите услови за влез во Шенген зоната што го отвора патот кон конечната одлука за влез во просторот без контрола на внатрешните граници на Унијата.
Усогласениот заклучок денеска формално беше усвоен од министрите за внатрешни работи на државните членки на ЕУ.
„Министрите во рамките на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ усвоија заклучоци за исполнување на потребните услови за целосна апликација за критериумите за Шенген. Ова е важен ден и одлука која не доближи уште повеќе до исполнување на стратешката цел на хрватската влада за влез во Шенген зоната“,
соопштија на Твитер од дипломатското хрватско претставништво.
Информацијата јавно ја потврдија и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, како и Алеш Хојс, министер за внатрешни работи на Словенија која е моментален претседавач со Советот на ЕУ.
Конечната одлука за влез на Хрватска во Шенген зоната би можела да се донесе за шест месеци за време на француското претседателство, а за тоа да се случи ќе биде потребна согласност од сите држави кои се веќе во Шенген зоната.
Во Шенген зоната сè уште не се влезени и Бугарија и Романија, иако заклучоците за подготвеноста за нив се усвоени уште во 2011 година.
Пред неколку месеци за прием на овие земји во зоната апелираше и Европската комисија.
„Проширувањето на Шенген-зоната кон Бугарија, Романија и Хрватска е приоритет, крајната одлука не зависи од нас, но ние постојано го браниме ова проширување и сме на ставот дека фактите јасно покажуваат дека тие се подготвени да се приклучат“,
изјави во јуни годинава потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, пак, досега неколку пати ги кажа своите очекување дека Хрватска ќе стане членка на Шенген зоната во 2022 година.
„Би било одлично да влеземе во Шенген во 2022 година, а ако биде порано ќе бидеме уште позадоволни. Што се однесува до еврозоната, ќе сториме се тоа да се случи што е можно поскоро“,
рече Пленковиќ за време на вонредниот самит на ЕУ во Брисел во мај годинава.