Според францускиот претседател, не може да се изгради Европа на мирот и просперитетот во идните педесет години, ако се остави Западен Балканот во денешната ситуација
Имаме голема одговорност кон земјите од Западен Балкан, порача денеска францускиот претседател Емануел Макрон претставувајќи ги приоритетите на француското претседателство со Советот на ЕУ, кое треба да започне на 1 јануари.
„Нашето непосредно соседство е Западен Балкан, ние ќе организираме во јуни конференција за Западен Балкан. Бидејќи повеќе од соседство, Балканот е срцето на Европа, доволно е да ја погледнете картата и нашата историја, во тој регион денес има нови тензии. Ние имаме особено историска одговорност кон Западен Балкан“,
нагласи Макрон, јавува дописникот на МИА од Франција.
Според него, ЕУ треба да води политика на повторно ангажирање, но и на инвестирање за да се фаворизира економската интеграција на регионот.
„За да се развијат размените меѓу луѓето, за да се зборува за прашањата на малцинствата кои го покриваат целиот регион и да се бориме против мешањето, манипулациите, кои се дело на повеќе регионални сили, кои бараат преку Балканот да ја дестабилизираат Европа“,
рече Макрон.
Францускиот претседател смета дека ваквата политика и економска работа на Западен Балкан е „вистинска агенда за суверенитет за Европа, бидејќи не може да се изгради Европа на мирот и просперитетот во идните педесет години, ако се остави Западен Балканот во денешната ситуација.“