Од ЕСМ најавуваат дека ќе се јават на следниот тендер на универзалниот снабдувач, кој треба да биде за периодот јануари-јуни 2022 година
АД ЕСМ попладнево соопшти дека не доставило понуда до универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ затоа што одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количините на струја била за шест месеци, а тендерот на „ЕВН хоум“ е за 12-месечен период.
„Одлуката од Владата на Република Северна Македонија во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои АД ЕСМ треба да се јави на тендерот на ‘ЕВН хоум’ за 2022г. се однесуваат на шестмесечен период, додека актуелниот тендер на ‘ЕВН хоум’ е распишан за 12-месечен период. Од тие причини, АД ЕСМ денеска не поднесе понуда“,
соопштија од АД ЕСМ.
Најавуваат дека ќе се јават на следниот тендер на универзалниот снабдувач, кој треба да биде за периодот јануари-јуни 2022 година.
Владата минатата недела одржа затворена седница, на која препорача цена и количина на електрична енергија со која ЕСМ ќе учествува на тендерот на „ЕВН хоум“.
Вчера министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека цената на струјата во следните шест месеци од 2022 година нема да се зголеми повеќе од 10 проценти.