Со последните измени во Законот за судски совет преку кои се отвори можност секој да покрене иницијатива за утврдување одговорност за несовесно и нестручно постапување на судија, целосно се изменети бројките на поднесени барања
Меѓународниот ден за борба против корупцијата е уште еден повод Судскиот совет да ги повика граѓаните што имаат сознанија и информации за случаи на корупција во судството да ги пријават, за да може да се остварат стремежите за некорумпирано судство кои произлегуваат од реформите неопходна е соработка на институциите со граѓаните, се вели во соопштението на Судскиот совет по повод Меѓународниот ден за борба против корупција.
„Судскиот совет изразува подготвеност да им излезе во пресрет на сите кои се соочиле со случај на корупција во судовите и затоа ги охрабрува граѓаните наместо да станат дел од коруптивно однесување да ги пријавуваат оние за кои имаат сознанија дека личните финансиски интереси ги ставаат пред законите и правдата“,
стои во соопштението на Советот.
Советот потсетува дека пред неколку месеци формираше посебна комисија за борба против корупцијата со обврска да ги анализира пријавите за корупција во судството за да утврди дали информациите и податоците на пријавувачите се веродостојни.
Судскиот совет преку спроведувањето реформи во судството настојува да изгради механизми за спречување на корупцијата и заштита на човековите права. Во тек е процес на целосна дигитализација на судскиот систем со што ќе се олесни комуникацијата на граѓаните со институциите, но дигитализацијата ќе овозможи и полесен увид во работата на судиите со што тие ќе бидат потранспарентни, а тоа ќе значи нивно независно и објективно одлучување и помала склоност кон корупција, додаваат оттаму.
Понатаму соопштено е дека Судскиот совет усвои Методологија за квалитативно оценување на судиите, како и Методологија за сложеност на судски предмети. Со нивната примена ќе може да се прави пошироко, подиректно и поверодостојно оценување на работата на судиите, што според нив ќе придонесе за нивно поодговорно постапување, како и носење пресуди строго врз база на докази. Континуираниот мониторинг ќе ги намали ризиците од корупција.
„Практично, крајната цел на системот кој сака да го воспостави Судскиот совет, преку дигитализацијата, преку надградбата на АКМИС, преку новите методологии за оценување и за утврдување сложеност на предмети, всушност е да имаме ажурно судство со испорачување на брза и ефикасна правда. Тоа ќе ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем и ќе придонесе кон искоренување на корупцијата“,
велат од Судскиот совет.
Со последните измени во Законот за судски совет преку кои се отвори можност секој да покрене иницијатива за утврдување одговорност за несовесно и нестручно постапување на судија, целосно се сменија бројките со поднесени барања. Ако во изминатите години Судскиот совет имаше само по неколку барања годишно, годинава има околу 50 иницијативи за испитување одговорност кај судии.
„И ова е дел од инструментите кои Судскиот совет ги користи во борбата против корупција. Свесни дека корупцијата е општествена појава која тешко се сузбива ние нема да се откажеме од континуираната борба со намера да создадеме чесни судии кои ќе им служат на граѓаните и на кои правдата секогаш ќе им биде пред корупцијата“,
стои во соопштението на Судскиот совет по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.