Тедрос упати апел за регулирање на антиковид мерките ширум светот и стимулирање на вакцинацијата, поради глобалното ширење на варијантата омикрон
Глобалното ширење на омикрон може да има големо влијание врз пандемијата на ковид-19, а тоа треба навреме да се спречи, пред да бидат хоспитализирани повеќе пациенти, рече Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО)
Тој упати апел до сите земји да ги преиспитаат антиковид мерките и да ги забрзаат програмите за вакцинација за да можат навреме да се справат со сојот омикрон, иако како што нагласија повеќепати од СЗО, сè уште е рано да се каже колку постоечките вакцини ќе бидат ефективни против новиот сој.
СЗО ги коментираше наодите на „Фајзер“ и „Бионтек“ за ефикасноста на нивната вакцина против омикрон, откако фармацевтските компании соопштија дека нивните три дози вакцина против коронавирус за време на лабораториски тест покажале дека имаат неутрализирачки ефект против омикрон, и дека по две дози се создаваат помалку неутрализирачки антитела.
Главната научничка на СЗО, пак, Сумија Сваминатан, рече дека е рано да се каже дали намалувањето на неутрализирачките антитела значи дека вакцината е помалку ефикасна, предупредувајќи на избрзани заклучоци од испитувањата.