Покрај Франција и Португалија, на листата земји за кои е издадено предупредување се и Кипар, Андора, Лихтенштајн во Европа, како и Јордан и Танзанија
Главната американска здравствена институција, Центарот за превенција и борба против болести, укажа дека дури и целосно вакцинираните луѓе се изложени на ризик да се заразат и да шират нови варијанти на вирусот
Американските власти ги повикаа своите граѓани да избегнуваат да патуваат во десетина земји, вклучително и Франција и Португалија, поради зголемениот број новозаразени со коронавирусот во Европа.
Новата препорака на Стејт департментот до Американците се однесува за божиќните и новогодишните празници и за овие земји каде што нивото на предупредување за заканата од омикрон за земјата се искачи на четири, што е највисоко на скалата.
Покрај Франција и Португалија, на листата земји за кои е издадено предупредување се и Кипар, Андора, Лихтенштајн во Европа, како и Јордан и Танзанија.
Стејт департментот на списокот ги стави и Мали и островот Фиџи каде беа пријавени првите случаи на сојот омикрон.
Во Франција, каде што бројот на новозаразени сега достигнува десетици илјади, со 42 252 регистрирани во неделата, синоќа беа најавени нови ограничувања, вклучително и зајакнување на здравствениот протокол во училиштата, затворање дискотеки на четири недели и олеснување на достапноста на вакцинацијата за луѓето постари од 65 години.
Португалија, која има највисока стапка на вакцинација во Европа, 87 отсто од вкупното население, минатата недела повторно воведе контролни мерки, како што се носење маска и здравствена пропусница, а во исто време почна нова засилена кампања за вакцинација.
Главната американска здравствена институција, Центарот за превенција и борба против болести, укажа дека дури и целосно вакцинираните луѓе се изложени на ризик да се заразат и да шират нови варијанти на вирусот.