Пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи денеска на својот фејсбук-профил објави дека се повлекува од координатор на пратеничката група на Алтернатива/Алијанса за Албанците и за тоа утре ќе го извести претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Врз основа на новите политички случувања и одлуката на Централното собрание на Алтернатива дека ние како политички субјект се приклучуваме кон извршната власт и парламентарното мнозинство, утре и официјално ќе го информирам претседателот на Собранието на Северна Македонија дека се повлекувам од функцијата координатор на пратеничката група Алтернатива/Алијанса за Албанците“,
напиша Реџепи.
Според него, дејствувањето на пратениците на Алтернатива ќе се решава согласно новиот договор за парламентарно мнозинство.
„П.С. Почит до сите пратеници на коалицијата и ви благодарам за досегашната соработка и добрите меѓучовечки односи“,
напиша пратеникот Скендер Реџепи.