Африм Гаши пак изјави дека одлуката на Алтернатива не била лесна, но вели дека сите клучни фактори кои биле земени предвид воделе кон тоа партијата да се приклучи вон парламентарното мнозинство и Владата
На заедничката прес-конференција помеѓу лидерот на СДСМ во заминување Зоран Заев и Африм Гаши од Алтернатива, двајцата лидери потврдија дека Алтернатива станува дел од Владата и порачаа дека парламентарното мнозинство останува стабилно до 2024 година, со амбиции да продолжи и понатаму.
Заев истакна дека главната цел е да се започнат преговори со ЕУ и да се изнајде решение на проблемот со Бугарија.
„Се здруживме бидејќи во овие моменти најважно е функционирањето на институциите во полн капацитет. Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за актуелните предизвици, како континуитет и успешен епилог во процесите на почеток на преговори на ЕУ, решение за проблемот со Бугарија, решенија за пандемијата и енергетската криза. На С Македонија и е потребна влада која испорачува резултати посебно кога е потребен евроатлански курс. Порака до ЕУ и посебно до Бугарија – Во С Македонија стабилно зголемено парламентарно мнозинство, подготвени сме да го надминеме проблемот и да го зачуваме пријателството, ние сме братски народ. Преговорите треба да започнат веднаш, бидејќи заслуживме, европеизација веднаш“,
порача премиерот Заев, кој потоа објави кои министерства во иднина ќе ги преземе Алтернатива.
„Алтернатива ќе менаџира неколку министерства – Министерство за здравство, министерство информатичко општество и министерство без ресор задолжено за дијаспората. Алтернатива ќе добие и тројца заменици министери и тоа во МОН, министерството за култура, а за третиот ресор ќе се дискутира, но разговаравме за заменик министер во министерството за земјоделие земјоделство. Алтернатива ќе земе одговорност во повеќе институции во центарлно и локално ниво како што се МЕПСО, Фонд за здравство, железници, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции“,
објасни Заев, кој порача дека предвремени парламентарни избори нема да има и тие ќе се одржат во 2024 година.
Африм Гаши пак изјави дека одлуката на Алтернатива не била лесна, но вели дека сите клучни фактори кои биле земени предвид воделе кон тоа партијата да се приклучи вон парламентарното мнозинство и Владата.
„64 пратеници ќе бидат дел од парламентарното мнозинство и тоа ќе работи за излез од здравствената, економската и енергетската криза која ја чувствуваме. Алтернатива мина низ многу тежок период, беше исправена пред предизвиците дали да остане таму каде што е или да продолжи во нешто ново. Не беше лесно да ја донесеме ваква одлука, но поголемиот дел од аргументите беа кон тоа Алтернатива да се определи кон патот по кој од денеска тргнува. Во текот на преговорите се засновавме на два столба – првиот е програмскиот дел, а вториот е во однос на преземањето на одговорностите на Алтернатива во извршната власт“,
нагласи Гаши.