Според претседателот на Здружението за македонско-бугарско пријателство, покрај дискриминацијата, проблем е и што се запоставуваат културните настани кои се организираат преку бугарскиот културно-информативен центар
Претседателот на Здружението за македонско-бугарско пријателство, Добре Митрев, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, зборуваше за дискриминацијата на Бугарите кои живеат во Македонија.
Митрев рече дека станува збор за секојдневна појава и посочи пример за девојче кое не било примено во полициска академија токму од тие причини.
„Девојче на 18-19 години од Кавадарци треба да се запише на полициска академија и добива известување дека не ги исполнува безбедносните услови за прием во тоа училиште, и тоа поради тоа што нејзиниот татко секаде јавно се декларира како Бугарин. Тоа е најнов пример на дискриминација на Бугарите во Македонија“,
вели Митрев.
Според него, покрај дискриминацијата, во Македонија се запоставуваат и културните настани кои се промовираат од бугарската амбасада и културно-информативниот центар.
„Дали некој медиум има рекламирано културен настан што го промовира бугарската амбасада во Македонија? Нема. На пример, книгата ‘Железниот светилник’ од Димитар Талев, тоа е најпреведуван автор од бугарски јазик во светски рамки, кој е роден во Прилеп. Имаше овде театарска претстава од него, но немаше никаква реклама за тоа“,
рече Митрев.