Тој вели дека премиерот Зоран Заев е уценет од Али Ахмети и Артан Груби и дека тие го одржуваат во политички живот
Ова што го прави Зоран Заев е политички некултурно и во ваков тип заложништво да ги држи и граѓаните и своите сопартијци е политички некултурно, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ако излезете на прес-коференција изрично да кажете дека нешто ќе направите, тоа и треба да го направите, а не веќе следниот ден да ги повикувате вашите коалициони партнери да ги прашате што мислат за вашата оставка, а Заев кажа дека дава неотповиклива оставка. Тоа е политичка некултура и кон членството и кон коалиционите партнери“,
рече Мицкоски во емисијата „Патот кон“ на Алсат.
Како политичка некултура Мицкоски ја оцени и одлуката СДСМ да закаже Конгрес на 12 декември, во ист ден кога е и редовниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека предвремени парламентарни избори се потребни затоа што системот е трул и нефункционален, а колку подолго останува оваа коалиција на власт, толку повеќе ќе губи народот.
„Заев сега вели дека ќе останел премиер додека не постигнел договор со Алтернатива или со Бугарија, а во суштина треба да биде чесен пред граѓаните и да каже дека е во скутот на Али Ахмети и Артан Груби и дека е уценет, што практично беше условот тој да остане премиер овие осумнаесетина месеци“,
вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека како што стојат работите, имајќи ги предвид уставните рокови, предвремени парламентарни избори можат да се случат напролет.