Вкупниот долг на Општина Тетово е 24 милиони евра, вели градоначалникот

На екран поставен на плоштадот во Тетово ќе се покажува долгот на Општината, најави денеска градоначалникот Билал Касами на прес-конференција на која објави детали околу долговите на локалната самоуправа.
„За да бидеме транспарентни, се подготвуваме долгот на Општината да биде видлив преку монитор за граѓаните на плоштадот. Исто така долгот детално ќе биде објавен на веб-страницата на Општината. Поминаа три недели и сум ангажиран да се скенира состојбата на Тетово. Жално е како е оставена Општината со многу долгови и многубројни неправилности во сите области. Граѓаните заслужуваат да знаат што се случува со нашата општина“,
истакна Билал Касами.
Градоначалникот на прашањата на новинарите посочи дека има неколку активности со кои планира да го намали долгот. Рече дека ангажирал внатрешна ревизија која детално ја анализира структурата на долговите.
„Во текот на следната недела, кога ќе имаме поконкретна информација, ќе објавам еден значаен дел од долгот што е направен само преку една институција, односно едно физичко лице. Тој дел ќе се намали со обжалување на сите решенија кои се донесени и ќе се ангажира и адвокатска куќа која ќе ги анализира сите постапки односно тоа што не е постапено од Општината и се надеваме дека тој дел кој не е реален ќе биде тргнат од обврски на Општината. Друг дел, кој е кон приватниот сектор – таму сум во постојана комуникација со сите приватни оператори кои имаат докажано првична спремност, делот од затезните камати да не го калкулираат и да не го наплаќаат од нас. Исто така, се заинтересирани и имаат покажано подготвеност во делот од долгот да го намалат и да оди општината напред“,
посочи Касами.
Тој смета дека долговите се направени во вториот мандат на досегашната градоначалничка.
„Владата дел од долгот им ги отплати на општините. Општина Тетово декларираше 15 милиони долг од кои 7,5 милиони беа исплатени од Владата. Од тој момент Општина Тетово има 7,5 милиони долг. За само четири години, во вториот мандат на Теута Арифи, тој долг е зголемен на 24 милиони. Само три месеци пред избори има долг од три милиони евра за проекти кои сега се испратени до Антикорупциска комисија да се види дали се според законот. Има друг дел, долг кој ќе биде обжален, сите луѓе што се инволвирани ќе се бара да дадат одговор“,
истакна Касами.
Според градоначалникот, од вкупно 24 милиони евра долгови -14 милиони се на името на Општина Тетово, Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Тетово должи 9,7 милиони евра, 187 илјади е долгот на ЈП Градски паркинг и 77 илјади евра должат училиштата.