Хаџиу вели дека возачите на автобусот биле многу искусни професионалци кои многупати ја поминувале оваа релација. Според него, за оваа 12-часовна рута биле доволни двајца возачи и строго се почитувале часовите за одмор. Тој тврди и дека автобусот имал и фабрички ограничувања и не можел да развие брзина повеќе од 100 километри на час

Сопственикот на „Беса транс“ Беким Хаџиу во интервју за БНТ вели дека автобусот пред да замине од Турција поминал низ сервисна станица и сè било во ред.
Во интервјуто со него кое БНТ го снимила во канцеларијата на неговиот адвокат во Софија, Хаџиу вели дека автобусот бил произведен во 2007 година, но бил купен од неговата компанија пред околу три години.
Тој раскажува дека на турата тргнале четири автобуси и потврди дека и тој и неговото семејство биле дел од патувањето, но патувале со други автобуси.
„Патував со семејството“,
рече Хаџиу.
На враќање од Турција, во автобусот кој се движел прв биле тој и неговата сопруга. Неговите деца биле во последниот автобус.
На бугарско-македонската граница, на излез од Бугарија, Хаџиу дознал дека неговиот автобус излетал и со такси тргнал на местото на несреќата. Кога пристигнал, со часови останал на местото на настанот.
Хаџиу одби да коментира верзии за несреќата бидејќи истрагата е во тек, но посочи дека три недели пред несреќата автобусот поминал на технички преглед во Северна Македонија и додава дека пред секое патување, сите возила на компанијата „Беса транс“ поминуваат низ сервис.
„Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ни проверат, превезуваме патници, да видиме каква е состојбата. Сè беше во ред таму, а ако нешто не е, ни кажуваат веднаш да го поправиме“,
вели сопственикот на „Беса транс“.
Хаџиу вели дека во автобусот немало канистери со гориво бидејќи бензинот што го наполниле во Истанбул бил доволен за да одат до Скопје, а потоа да се вратат во Истанбул, а поради темелните проверки на бугарските граници се исклучува можноста патник да донел лесно запалива материја.
„Во секој автобус има туби, но тие се со вода, секој автобус мора да ги има за секој случај и тоа е вода за резерва. Ова е резервна вода. Строга контрола на влез во Бугарија, багаж, возач и сè што се носи“,
вели тој во интервјуто.
Сопственикот на „Беса транс“ рече дека возачите на автобусот биле многу искусни професионалци кои многупати ја поминувале оваа релација. Според него, за оваа 12-часовна рута биле доволни двајца возачи и строго се почитувале часовите за одмор.
Хаџиу тврди и дека автобусот имал и фабрички ограничувања и не можел да развие брзина повеќе од 100 километри на час.