Како што пренесуваат бугарските медиуми, шестмина од преживеаните се преземени од македонски медицински екипи и лекувањето ќе го продолжат на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје
Денеска од болницата „Пирогов“ се испишани уште четворица од повредените во опожарениот македонски автобус на автопатот „Струма“, информираат од софиската болница.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, тие се преземени од македонски медицински екипи и лекувањето ќе го продолжат на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје. Пациентите се отпуштени од Клиниката за изгореници и пластична хирургија, а во последните 24 часа нема промена во нивната состојба.
Претходно министерот Венко Филипче, при приемот на првите двајца преживеани во саботата, изјави дека денеска се очекува во земјава да се вратат тројца од седумте преживеани во автобуската несреќа во Бугарија, меѓутоа од софиската болница соопштија дека денеска се отпуштени вкупно четворица.
Со тоа во „Пирогов“ на лекување останува уште само еден од оние што успеаја да се спасат од изгорениот автобус, кој се наоѓа на Клиниката за неврохирургија.
Според лекарите, неговото закрепнување поминало без проблеми и почнал да се движи по две операции – на потколеницата и на ‘рбетот.