За тоа дали разговарал со Алтернатива за нивниот став од петокот, Мицкоски рече дека не разговарал детално за нивните преговори со СДСМ и ДУИ и го повтори она што беше објавено во медиумите
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска повторно побара брзи предвремени парламентарни избори, со објаснување дека актуелната Влада нема кредибилитет по локалните избори.

Прашан кој е 61-виот пратеник на владејачкото мнозинство во Собранието, Мицкоски рече дека не сака да навлегува во теории кој е 60, а кој 61-виот пратеник, и дека за тоа треба да одговорат СДСМ или ДУИ.
„Едно е јасно, а тоа беше сведок и народот, дека и тие 59 кои ги имаа дента кога се гласаше недоверба на Владата не беа во Собранието и не застанаа во одбрана на ова владино мнозинство, што за мене претставува кукавички чин. Ако веруваа дека оваа влада е добра и работи во интересите на граѓаните, тогаш требаше да бидат во клупите и да се спротивстават. Тоа е она што јас можам да го коментирам“,
изјави Мицкоски денеска во Свети Николе.
За тоа дали разговарал со Алтернатива за нивниот став од петокот, Мицкоски рече дека не разговарал детално за нивните преговори со СДСМ и ДУИ и го повтори она што беше објавено во медиумите.
„Тоа што го знаеме е дека раководството на Алтернатива го овластило претседателот на партијата да преговара со СДСМ и ДУИ за формирање ново владино мнозинство. Нашиот став поврзан со ова мнозинство го знаете – станува збор за најкриминалната и најнеспособната влада што некогаш во овие 30 години функционирала во Македонија и претпоставувам дека раководството на Алтернатива го имала предвид тој факт и претседателот на партијата ќе ги има кога ќе биде на иста маса да преговара со лидерите на СДСМ и ДУИ“,
рече Мицкоски.
Во однос на оставката на Зоран Заев, Мицкоски рече дека не ги знае и не би сакал да навлегува во вистинските причини, но оти го шокирала изјавата на еден од раководството на ДУИ, дека тие не го пуштаат да си оди, бидејќи имало некои одлуки кои што треба да се носат во периодот што следи.
„Да, има одлуки кои што треба да се носат, а тоа е час поскоро да имаме предвремени парламентарни избори. Тоа е она што претстои да се носи, а сето останато е само обид на овој малцински партнер во владата СДСМ-ДУИ да се прикаже пред меѓународната заедница дека има се уште некако капитал со кој располага, а тоа е да го распродава македонскиот идентитет и да ја распродава македонската држава. Тоа ние нема да го дозволиме“,
изјави Мицкоски.
Најавата за внатрепартиски избори во СДСМ на 12 декември, Мицкоски рече дека претставува некоректен политички потег, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ претходно веќе на истиот ден го најавила својот конгрес.