На обвинувањата на опозицијата оти е „маша“ во рацете на Заев, Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, кој вчера најави дека ќе се кандидира за лидер на партијата, вели оти не е ничиј човек, туку, како што изјави, „човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“ и оти како долгогодишен член на СДСМ ја очекува поддршката од многу сопартијци, актуелни и минати функционери
СДСМ треба интензивно да ја спроведува европската агенда, но не може да очекуваме дека ЕУ или некој друг ќе ни ги реши проблемите. Приоритет мора да е домашната политика, подигање на животниот стандард на граѓаните, јакнење на економијата.
Ова во интервју за МИА го вели Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, кој вчера најави дека ќе се кандидира за лидер на партијата, откако социјалдемократите во петокот ја утврдија оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и распишаа внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање што ќе се одржат на 12 декември.

На обвинувањата на опозицијата оти е „маша“ во рацете на Заев, Ковачевски вели оти не е ничиј човек, туку, како што изјави, „човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“ и оти како долгогодишен член на СДСМ ја очекува поддршката од многу сопартијци, актуелни и минати функционери.
Ковачевски додава дека СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува.
„Во овој процес многу е важно да го зајакнеме единството и да го мотивираме секој член да се приклучи на промените. Верувам дека со нова стратегија и реорганизација на партијата брзо ќе ја вратиме и зголемиме поддршката. Јас сум ослободен од внатрепартиски поделби и игри кои ги сметам за многу непродуктивни. Јас верувам дека можеме да ја вратиме поддршката веќе на следните избори, но само доколку граѓаните и членовите на СДСМ ја видат потребната промена во партијата и начинот на раководење и во Владата и во самата партија“,
вели тој во интервјуто за МИА.
На прашањето, ако биде избран за претседател на СДСМ, какви промени ќе направи за да ја врати поддршката изгубена на локалните избори, Ковачески вели дека прво, е потребна поголема ефикасност во владеењето и исполнување на ветувањата, но и поголем фокус на реалните потреби на граѓаните.

Понатаму, смета дека СДСМ мора да ја подобри комуникацијата со членството, односно не може да ги бара луѓето само пред избори или кога нешто и треба на партијата, туку постојано да ги вклучува.
„Понатаму, потребно е одговорно владеење и недвосмислена борба со криминалот и корупцијата. Не се доволни успешни реформи на судскиот систем и добри закони. Граѓаните сакаат да видат дека сите ние како политчари со личен пример и во пракса го спроведуваме тоа. Потребна е поголема конзистентност помеѓу она што го зборуваме и она што го правиме и само така ќе ја вратиме довербата“,
смета Ковачевски.
Следно би било, како што вели, продолжување на одличните социјални политики – покачувањето на минималната и просечната плата… Но, клучно е партијата која владее треба да биде постојан контакт со реалните проблеми и на истите да има одговори.
„Моја главна цел ќе биде да ја обединам партијата и да ги надминеме разликите“,
додава тој.
Во однос на тоа дали ќе има кадровски поместувања во партијата, Ковачевски смета дека СДСМ има најдобар кадровски потенцијал во земјава.
„Во овој момент имаме одлични правници, инжењери, економисти и голем број млади образовани луѓе. Но, потребни се секогаш нови лица и привлекување на најдобрите од сите професии и области. Треба да најдеме начин да ги мотивираме да се вклучат во политичкиот живот и да ја вратиме довербата кај нив за да работат и помагаат за државата“,
вели тој и тука ја посочува ситуацијата во Бугарија како пример, каде двајца дипломци од Харвард ги освоија симпатиите на гласачите и за само два месеци од формирањето партија успејаа да победат.
Доколку биде иден претседател, дали е подготвен и за функцијата премиер, Ковачевски вели дека за тоа е навистина рано да се зборува
„Што се однесува до Владата, без разлика дали ќе бидам јас премиер или некој друг потребни се секако промени. Владата мора ефикасно да работи на побрза реализација на сите проекти и капитални инвестиции. Новата влада мора да состави добар тим од професионалци кои ќе се справат со предзивиците на енергетската криза, економските политики, но секако и евроинтеграциите. Потребно е поцврсто владеење и поголема одговорност на сите нивоа од министрите па надолу. Се надевам дека во новата влада ќе има место за повеќе стручни луѓе и експерти во советничкиот тим на премиерот бидјеќи човечкиот потенцијал е клучен за добар менаџмент. Граѓаните бараат одговорност, реализација на ветеното и фокус на приоритетите и проблемите кои нив ги засегаат а тоа подобар живот и повеќе приходи“,
истакнува Ковачевски во интервју за МИА.