Инспектори од УЈП влегле во битолската фирма „Еко клуб“ за која на почетокот на месецот градските власти во Скопје презентираа фотографии и видеа тврдејќи дека несоодветно обработувала медицински отпад, го сечела во машина без термички да го обработи и да го стерилизира, а потоа како обичен отпад тој се носел во депонијата „Дрисла“.

Според информациите на „360 степени“, контролите се прават по основ на ДДВ и добивка, но засега е рано да се каже дали се констатирани некакви нерегуларности бидејќи станува збор за обемна докуметнација, па во моментов контролите се сè уште во фаза на утврдување на состојбите.
Битолската фирма „Еко клуб“ на почетокот на месецот беше цел на обвинувања од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и од главниот градски инспектор Мирослав Богдановски, кои на прес-конференција презентираа фотографии и снимки од кои, според градските власти, јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци, а човечка крв истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што се отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион кој не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад, за потоа да биде транспортиран во ‘Дрисла’ како обичен отпад“,
објаснуваше Богдановски на прес-конференцијата на 4 февруари.
Контролата за која посочуваа тие била направена на 10 декември 2019, а затекнатиот отпад бил од медицинските установи во Битола и Прилеп.
Целиот случај бил пријавен во обвинителството три дена подоцна, на 13 декември 2013, па на споменатата прес-конференција Шилегов го прозва и обвинителството дека 50-тина дена нема никакви информации за случајот.
Оттаму, пак, тогаш одговорија дека кривичната пријава не била поткрепена со материјални докази и тие мора да ги проверат посочувајќи дека работат на случајот кој е во предистражна фаза.
Препукувањата околу расчистувањето на овој случај се префрлија и на политичкиот ринг, па СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со низа прозивки за тоа кој е одговорен и кој е вмешан во него.

Дали покрај отпадот од болниците во Битола и Прилеп кој бил затекнат на контролата на 10 декември 2019 од градскиот инспекторат, на ист несоодветен начин се третирал и друг отпад и колку често се случувало тоа, градските власти тогаш немаа одговори.
Она што е познато е дека фирмата „Еко клуб“ во текот на минатата година до Дрисла транспортирала 4 700 килограми медицински отпад, а само во јануари годинава, 1 900 килограми.

Еден од сопствениците на оваа фирма е бизнисменот Сашо Јанакиевски, кој околу осум години беше почесен конзул на Унгарија. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по прес-конференцијата на Шилегов и Богдановски, испрати нота до Министерството за надворешни работи за да се започне постапка за отповикување од мандатот како почесен конзул.
Според податоците за сопственоста на „Еко клуб“, покрај Јанакиевски, фирмата има уште еден сопственик. Станува збор за фирма регистрирана под име „Ремондис медисон ГМБХ“. Оваа фирма како сопственик на „Еко клуб“ се впишува на 19 декември 2019 односно една недела откако градскиот инспектор упадна во контрола во подружницата во Скопје.
Со промената во сопственичката структура, се прави промена и на овластеното лице. Дотогаш бил Сашо Јанакиевски, а од 19 декември е извесен Том Верикен.