Компанијата „МГ фешн“, која е инвеститор на објектот што треба да се гради спроти „Холидеј ин“, се огласи по реакциите од „Шанса за Центар“ од каде што порачаа дека дозвола за градба на нелегален план не е легална дозвола и го повикаа Јавното обвинителство да постапи по претставката од Антикорупциската комисија во врска со носење на ДУП-от за оваа локација.
Од компанијата велат дека станува збор за постапка која е започната пред многу години и во неа нема никакви правни недоследности.
„Во врска со наводите изнесени во соопштението за јавност од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ дека дозволата за градба на парцелата 1.1 спроти „Холидеј ин“ е нелегална, сакаме да ја известиме јавноста дека градежната дозвола е целосно усогласена со сите правни нормативи во земјата, а воедно истата е и правосилна, како што е легален и ДУП-от врз основа на кој е издадена. Ја замолуваме иницијативата „Шанса за Центар“ да не изнесува невистини во јавноста, за целосно легитимна правна постапка“,
се вели во соопштението на компанијата.
Оттаму велат дека правото на сопственост го има стекнато со откуп на приватен имот и дооформување парцела, односно откуп на државно земјиште од Министерството за транспорт и врски во 2018 година, а за откупот, како што велат, позитивно мислење има издадено и Државното правобранителство.
„Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темелеше иницијативата за суспензија на проектот, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување. Ваква штета не е докажана, а воедно на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните“,
се вели во соопштението.
Град Скопје, се додава во соопштението, ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти и во интерес на сите граѓани, и ќе биде со 40% искористеност од максимално дозволените урбанистички параметри во актуелниот ДУП.
„’МГ фешн’, како општествено одговорна компанија, во рамки на овој комплекс предвидува и јавен простор со површина од 7 500 м2 како донација кон градот и сите граѓани, а за чие идејно решение ќе биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар“,
се вели во соопштението.