Иако досега беше „човек од сенка“, можниот нов лидер на СДСМ, а веројатно и премиер, има долгогодишен стаж во партиските редови, подолг од многумина од најекспонираните партиски функционери во последните неколку години, уште од своите студентски години и во една од највлијателните општински организации на партијата
Актуелниот заменик-министер за финансии и долгогодишен член на СДСМ, Димитар Ковачевски, би можел да биде новиот мандатар за формирање влада и нов партиски лидер. Така барем велат дел од медиумите, како на пример ТВ 21, која уште вчера, повикувајќи се на свои извори, објави дека човекот што на денешната средба меѓу Зоран Заев и Африм Гаши ќе го придружува премиерот ќе биде и негов наследник.
На средбата со Гаши, која во моментов се одржува во Клубот на пратениците, Заев е придружуван од Ковачевски.
Според биографијата објавена на официјалната страница на Владата, 47-годишниот Димитар Ковачевски е роден во Куманово. Доктор е на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје. Тој е предавач на додипломските, постдипломските и докторските студии и е автор на голем број научни трудови од областа на економија и менаџмент објавени во меѓународни научни списанија и конференции.
Работната кариера ја започнува во „Македонски телеком“ АД Скопје како соработник за финансии и координатор за регулирање и хармонизација на контрола на финансии (1998-2005), а потоа напредува на низа менаџерски позиции, директор на управување со маркетинг и продажба (2005-2008), директор на маркетинг-комуникации (2008 -2010), директор на комуникации (2010-2016) и директор на резиденцијална продажба (2016-2017). Бил дел од меѓународниот бренд-комитет и меѓународниот комитет за комуникации на „Дојче телеком“ (2008-2016). Потоа станува извршен директор на „Оне-Вип Македонија“, „А1 Македонија“, дел од групацијата „Телеком Австрија“ (2017-2018). Дел е од воспоставувањето високотехнолошка стартап-компанија за производство и развој на елементи за производство на електрична енергија од обновливи извори (2018-2020). Во текот на професионалната кариера работи на низа корпоративни проекти за интеграција на деловни процеси заради зголемување на ефикасноста и профитабилноста на компаниите. Дел е од проектните тимови за имплементирање на SAP интегриран систем за управување со материјалното и финансиско работење и CRM интегриран систем за управување со клиенти.
Средното образование го започнува во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, а го завршува во гимназијата „Вотервил Елизиан“ Мористаун во Минесота, САД. Во 1998 година дипломира на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Економски Факултет, а на истиот факултет магистрира во 2003 година. Докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора во 2008 година каде што се стекнува со титулата доктор на економски науки.
Стручно усовршување поминува на Школата за бизнис при Универзитетот „Харвард“ во 2011 година, Европскиот претприeмачки колоквиум на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што стана ЕФЕР ЕЕЦ алумни во 2015 година, Школата во Ротердам за менаџмент при Универзитетот „Еразмус“ во Холандија во 2016 година и ЕАДА Бизнис школата во Барселона, Шпанија во 2017 година.
Зборува течно англиски јазик, се служи со германски јазик и користи низа интегрирани информациони системи.
Академската кариера ја започнува како насловен доцент на Универзитетот „Њујорк“ во Скопје (2009-2012), а ја продолжува како доцент на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот „Американ Колеџ“-Скопје (2012-2018). Во 2018 година е избран за вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот „Американ Колеџ“.
Дел е од низа меѓународни и домашни проекти меѓу кои се проектот „Интернационализација преку онлајн микромастерс и виртуелна мобилност“ спроведен од Универзитетот „Витаутас Магнус“, Литванија, ДОБА Бизнис школа во Словенија, Универзитетот во Истанбул, Турција, и ИКС Скопје (2020), Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) и СБ, потпроект: Капацитет и иновации на туристички услуги за одржлив локален економски раст во Северна Македонија спроведен од „Фајнанс тинк“ и Институт за економски истражувања и политики Скопје (2019), Проектот за зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија, спроведен од Институтот за економски истражувања и политики Скопје (2019) и Проектот е-ПРОФМАН, Програма за професионален развој за иновативен менаџмент, лидерство и стратегиски комуникации спроведен од ДОБА Бизнис Школо Словенија, Истанбул Универзитет Турција и ИКС Скопје (2016-2017).
Во 2020 година беше дел од Економскиот совет на Владата на Република Северна Македонија за справување со економски последици предизвикани од пандемијата на ковид-19.