На заедничката прес-конференција со австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт, шефот на дипломатијата рече дека е најважно што Северна Македонија не дозволи да биде дел од проблемот, бидејќи не успеа обидот од пред неколку дена земјава да влезе во политичка нестабилност
Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, неспорно е ново стабилно мнозинство во парламентот и тоа, како што вели, ќе биде објавено наредната недела.
На заедничката прес-конференција со австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт, Османи рече дека е најважно што Северна Македонија не дозволи да биде дел од проблемот, бидејќи не успеа обидот од пред неколку дена земјава да влезе во политичка нестабилност и да стане дел од проблемот, а не дел од решението, односно и таа да има дел од вината за незапочнување преговори со ЕУ.
„Новото стабилно мнозинство е апсолутно неспорно и тоа ќе се случи наредните недели. Има неколку опции за тоа ново мнозинство и во моментот се одвиваат тие разговори и преговори за постигнување на тоа мнозинство. Ќе повторам, многу е важно дека рационалните политички сили, па и пратеници одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива. Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата“,
рече Османи на новинарско прашање кога ќе биде официјализирано новото мнозинство.
Тој нагласи дека бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска и реална, а дека се разговара и договара со сите политички партии за тоа како ќе се реализира мнозинството.
„Наредните денови тој мозаик на парламентарното мнозинство ќе се реализира и ќе се надминат сите проблеми и предизвици“,
нагласи Османи и додаде дека прашањата за министерските позиции се секундарни и ќе следат по дефинирање на мнозинството.
Во однос на начинот како до мнозинството, тој повтори дека „има некои опции“.
„Подобро да ги завршиме овие преговори, кои се присутни овие денови со лидерите на коалицијата и со премиерот Заев и Ахмети и со другите можни партнери. Би било добро тие што ќе бидат дел од новата влада или новото мнозинство да бидат тие што ќе го кажат мотивот зошто сакаат да бидат дел од ова мнозинство што гарантира стабилност и европска иднина за државата“,
истакна Османи.
Запрашан кој сѐ ќе биде дел од новата Владата, Османи истакна дека останува да го кажат партиите кои ќе бидат дел од мнозинството.
„Мислам дека е подобро политичките партии кои ќе бидат дел од Владата да ги кажат своите ставови, мислења и да ги земат одлуките, не ние да бидеме тие што ќе даваме такви декларации. Мислам дека не е добро политички гледано. Јас мислам дека новото мнозинство ќе биде без никаква дилема, но има неколку методи, начини како да се стигне до тоа. Другото не е важно“,
вели функционерот на ДУИ.