Беса не е за предвремени избори, а Касами вели за Алсат дека на земјата и е потребна политичка влада која ќе ја забрза интеграцијата кон ЕУ. Тој не исклучува можност за идна соработка ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на Движењето Беса Билал Касами уверува дека нема да се случи кој било друг пратеник од неговата партија да одлучи да остане во парламентарното мнозинство. Според него, партиските органи одлучиле и Беса е дел од опозицијата.
„Пратениците на Беса, со својата слободна волја, се на оваа позиција, значи дел од опозицијата согласно одлуките што ги носи движењето. Имам целосна доверба во двајцата пратеници на движењето Беса, како што имав целосна доверба во сите тројца претходно“,
изјави Касами во емисијата „200“ на Алсат.
На прашање дали може да се случи 61-от пратеник да биде од движењето Беса, Бесими вели дека е апсолутно сигурен дека нема да се случи тоа.
Другите двајца пратеници на Беса, Басри Бајрами и Фадил Зендели, изјавиле за Алсат дека ќе ги почитуваат одлуките на партиските органи и дека ќе дејствуваат како опозиција.
„Потврдувам дека го делам истото мислење со партиските органи и постапувам согласно ставовите на движењето Беса“,
изјавил Бајрами.
Зендели, исто така рекол дека ќе ја почитува одлуката на партијата да настапува како пратеник од опозицијата.
Партијата на Касами не е за предвремени парламентарни избори.
„Она што продолжува да биде став на движењето Беса е падот на Владата. Од моментот кога ќе падне Владата, проценуваме дека ќе се создаде една сосема нова ситуација, сосема поинакво мнозинство, многу постабилно од она што е дискутабилно и оценувам дека на земјата и е потребна политичка влада која ќе ја забрза интеграцијата кон ЕУ, ”
вели Касами.
Тој не исклучува можност за идна соработка ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, но вели дека тоа треба да биде врз основа на договор, да се работи на напредокот на земјата кон ЕУ. Категорично ја исклучува можноста да биде дел од влада каде што би била и ДУИ.