Вицепремиерот и потпретседател на СДСМ рече дека реконструкција на Владата е добра и според него треба да има одредена промена на кадрите. За себе лично вели дека е целосно ослободен од тоа дали ќе биде на новата листа на владиниот кабинет
Вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, во гостувањето на „Утрински брифинг“ рече дека наскоро ќе добиеме нова влада која како и досегашната ќе биде предводена од актуелниот премиер Зоран Заев, но ќе има промени на министерските функции.
„Во нашето општество скоро е невозможно да имате премиер различен од претседател на носечката партија освен ако нема техничка или експертска влада. Сега следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар за нова влада. Сметам дека наскоро ќе добиеме ’Заев три влада’, повторно предводена од Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри. Мислам дека тој ни треба за да продолжат некои процеси“,
рече Битиќи за „Утрински брифинг“.
Тој рече дека реконструкција на Владата е добра и според него треба да има одредена промена на кадрите. За себе лично вели дека е целосно ослободен од тоа дали ќе биде на новата листа на владиниот кабинет.
„Сметам дека резултатите го дефинираат тоа кој ќе остане, а кој ќе замине“,
рече Битиќи.