Одличниот познавач на релациите Софија-Скопје, Весела Чернева, која е дел и од Европски совет за надворешни односи, за ,,360 степени” анализира дека исходот од парламентарните избори во Бугарија дава надеж дека во Софија наскоро ќе се формира политичка влада под раководство на „Продолжуваме со промените“ – ново движење со реформска агенда. Но, Чернева вели дека таа потенцијална нова влада ќе се формира најрано кон крајот на декември, по состаноците на Совет на ЕУ. Можноста за пробив во бугарско-македонското прашање, што би довело до тргање на блокадата во ЕУ до крајот на годинава, Чернева ја гледа во претседателот Радев, кој е на прагот на реизбор
360°: Г-ѓо Чернева, која е вашата анализа по вчерашните избори – дали може да се очекува брзо формирање политичка влада и дали дефинитивно шансите за тоа се на страната на т.н. партии на промената плус социјалистите?
„Така се чини. Се чини дека, на крајот, Бугарија ќе добие редовна влада и, како што видовме, помалку од 40 проценти од Бугарите излегоа вчера да гласаат. Тоа е јасен сигнал дека, конечно, политичарите треба да си ја завршат сопствената работа. Народот гласа веќе три пати и, на крајот, политичките партии треба да се договорат и да создадат мнозинство. Добрата вест е дека е можно реформско мнозинство предводено од партијата „Продолжуваме со промените“, која е нова и која првпат учествува на изборите, со еден поголем степен на предвидливост отколку претходните нови лица, како шоуменот Слави Трифонов и неговата „Има таков народ“. За разлика од нив „Продолжуваме со промените“ има доста компактна реформска програма околу која би требало да се создаде обединување, најверојатно, вклучувајќи ја и БСП, зашто без неа математички ќе немаат мнозинство во парламентот“,
вели Чернева во интервјуто за 360 степени.
360°: Потенцијалниот иден премиер на Бугарија, Кирил Петков, во првата изјава по изборите, на кои неговата групација „Продолжуваме со промената“ е победник, најави нов пристап кон Северна Македонија. Како вие ја разбирате неговата синоќешна изјава и ќе може ли тој нов пристап да се оствари со оглед на тоа што неговата групација нема да биде сама во владата?
„Прво, треба да разјасниме дека тоа не е негова изјава, туку одговор на прашање во интервју. Во неговата изјава, темата за бугарско-македонските преговори воопшто не беше спомената. Прашањето, според мене, беше поставено малку вон контекст. Но, треба да кажеме дека Петков беше подготвен за такво прашање – тој во одговорот го акцентираше процесот, но најмногу се фокусираше на конструктивни преговори, неколкупати ја повтори формулацијата „конструктивни преговори“. Сепак, треба да кажам дека за да има нова влада во Бугарија ќе бидат потребни од месец до месец и половина, што би значело дека едвај на крајот на декември би имало таква влада. Оттука, не треба да се размислува за каква и да е иницијатива во надворешната политика на новата влада порано од првото тримесечие на следната година“,
анализира Чернева.
360°: Ако добро ве разбрав, ова што вие сега го велите значи дека е малку веројатно да се оствари планот, иницијативата за некаква деблокада на евроинтеграциите до крајот на оваа година, процес за кој се залага и Франција и Германија, и ако тоа е така, значи дека прашањето меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде оставено за наредната година?
„Тоа се однесува на новата влада. Но, во моментов во Бугарија има техничка влада. Ако има политичка волја за промена, таа политичка волја треба да тргне од претседателот Радев зашто тој, така да се каже, продолжува да биде шеф на службената влада или ја носи легитимноста на таа службена влада. Односно, ако има промена во неговата позиција, би можела да видам нова рунда разговори уште пред крајот на годината. Но, во секој случај, нова влада ќе имаме кон крајот на годинава“,
вели Чернева.
360°: Дали во новите околности е можно Бугарија да ја тргне блокадата за Северна Македонија во ЕУ до крајот на годината, за што силно се залагаат дел од клучните членки на унијата, како на пример Франција, и како, според вас, Скопје може да ја олесни таквата одлука на Софија?
„Теоретски е можно. Времето е многу кусо и тоа треба да им биде јасно на двете страни. Ако гледаме календарски, ќе видиме дека најрано кога би имале конституиран парламент во Бугарија би било на 24 или 25 ноември, а последниот датум за внесување нови точки на дневниот ред на декемврискиот Совет на ЕУ е околу 7-8 декември. Тоа значи дека би имале „прозорец“ од две седмици за да има некаква промена во актуелната ситуација. Пак ќе кажам – тоа би зависело, од бугарска страна, од претседателот Радев. Што се однесува до македонската страна, мислам дека она што треба да се направи е доста јасно – како што разбирам, тоа се петте точки за кои двете страни се согласија и тие остануваат важечки. Последната, шеста точка која Радев ја внесе во дневниот ред, а тоа е внесување на бугарското малцинство во Уставот, треба да биде изнесена на крајот на тие преговори, ако воопшто и биде вклучена… Но, за мене, чекорите на владата во Скопје би биле доста јасни ако, се разбира, тие две седмици бидат искористени. Не е невозможно, но времето е многу кусо“,
изјави Чернева.