ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Заев дека киднапирал пратеник за да остане на власт, дека е виновен за енергетската криза, за инфлацијата и за лошата живејачка. Од СДСМ реагираат дека Мицкоски излажал оти има парламентарно мнозинство и дека посакувал дестабилизација
ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, да поднесе оставка оти ,како што велат, тој е губитникот на локалните избори со над 100 илјaди гласови разлика. Сепак, опозициската партија не ја исклучува можноста Заев дa го зголеми парламентарното мнозинство во претстојните денови.
„Заев изгуби над 40 општини. Народот во над 40 општини избра промени. Владата на Заев е делегитимирана. Тој мораше да киднапира пратеник за да може да остане да владее и да краде. Со такви методи на присила не се исклучува можноста тој и да го зголеми мнозинството за пратеник или два, но сето тоа кратко ќе трае, затоа што народот е за промени и револтот кај граѓаните кон Заев и неговите насилнички методи е сѐ поголем“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ и го обвинуваат Заев за енергетска криза, за инфлацијата и за лошата живеачка.
Од СДСМ пак, порачуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е човекот кој треба да понесе одговорност за, како што велат од партијата, лагата дека има ново парламентарно мнозинство.
„Слепо воден од желба за власт по секоја цена, тој седна на маса со оние коишто се против НАТО, против ЕУ, против Преспа, против добрососедските односи, против Рамковниот договор. Но, се покажа дека со измами, со манипулации не може да се дојде до парламентарно мнозинство, се потврди, дека мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност“,
реагираат од СДСМ и го обвинуваат Мицкоски дека посакувал дестабилизација и рушење на постигнатото во однос на стратешките интереси на земјата.