Судот утврди дека постои граѓанска одговорност за клевета кај потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој изнел невистинити факти штетни за угледот на премиерот, но го отфрли барањето на Заев, Николоски да му исплати штета од 60 000 денари
Граѓанскиот суд-Скопје денеска делумно го усвои тужбеното барање за клевета на премиерот Зоран Заев против потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, јави државната новинска агенција МИА.
Судијката Сузана Димитриев при читање на пресудата истакна дека се утврдува граѓанска одговорност на тужениот Александар Николоски од Охрид за клевета, затоа што на 20 август 2019 година во изјава дадена за ТВ Алфа во видео со наслов случај „Рекет – каде завршија милионите од чантата ‘луј витон’“, има изнесено невистинити факти штетни за честа и угледот на тужителот, во случајот премиерот Зоран Заев.
Од друга страна, пак, отфрлено е барањето на Заев за исплата на штета.
„Тужбеното барања на тужителот Зоран Заев од Скопје, да се заложи тужениот Александар Николоски да му исплати на тужителот на име надомест на нематеријална штета износ од 60 000 денари за нарушен чест и углед со законска казнена камата според НБ на РСМ која важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемено за осум проценти поени, а сметано од пресудувањето до конечната исплата во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата, се одбива како неосновано“,
рече судијката Димитриев.
Воедно, во пресудата се вели дека се задолжува Николоски во дневен весник да ја објави изреката на пресудата на негов трошок во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата, а под страв на присилно извршување.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба.
Инаку, во изјавата поради која премиерот поднесе тужба за клевета, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски вели:
„Некаде пред две недели споменав дека вкупната сума на побарани изрекетирани средства надминува 20 милиони евра. Досега никој ова не го демантираше, што значи дека е рекетиран повеќе од еден бизнисмен, рекетирани се многу бизнисмени и побарани се многу пари. Тоа е операција која не можат да ја завршат еден или двајца луѓе. Тоа е операција која е добро осмислена од врвот на СДСМ, координирана лично од Зоран Заев и понатака управувана од целата држава, затоа е потребна и кривична и политичка одговорност.“