Хоџа, кој е министер за земјоделство во актуелната влада, беше претставникот на Беса кој се наоѓаше на фотографијата што минатиот петок ја објави Христијан Мицкоски од средбата во Собранието соопштувајќи дека има ново мнозинство
Откако пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, оневозможи кворум на седницата за гласање недоверба на Владата, се огласи и генералниот секретар на партијата, Аријанит Хоџа, кој порачува дека продолжува соработката со опозициските партии Алијанса за Албанците и Алтернатива.
„Врвот на опасноста на демократијата се достигнува кога преку недемократски форми, дури и на пратениците им се оневозможува слободното изразување на волјата. Заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. И покрај сè, движењето Беса ја продолжува борбата. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото! Секој поединечно ќе одговара за сопствените постапки, додека движењето Беса продолжува со политичкото патување. Соработката со опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе продолжи до падот на режимот“,
пишува Хоџа.
Токму генералниот секретар на партијата, кој е министер за земјоделство во актуелната влада, беше претставникот на Беса кој се наоѓаше на фотографијата што минатиот петок ја објави Христијан Мицкоски од средбата во Собранието соопштувајќи дека има ново мнозинство.
Хоџа беше и претставникот на партијата кој јавно соопшти дека тројцата нивни пратеници, меѓу кои и Кастриот Реџепи, ќе гласаат за недоверба на Владата, а ако не успеат да ја урнат кажа дека ќе излезат од владејачката коалиција.
Генералниот секретар на Беса, исто така, беше првиот кој упати јавна закана дека оваа партија може да ја урне владата откако вечерта на 4 ноември Државната изборна комисија (ДИК) прифати еден од двата приговори на ДУИ за Желино општината во која кандидатот на Беса победи пред ривалот од ДУИ со само 69 гласа разлика.
Меѓутоа, до прегласување како што одлучи ДИК не дојде бидејќи повисоката инстанца – Управниот суд, ја прифати жалбата на Беса односно го одби приговорот на ДУИ.
Покрај Хоџа, по неуспехот за кворум, се огласи и лидерот на Беса, Билал Касами, кој пристигна и во Собранието за, како што вели, да види што се случува.
На прашање дали е изненаден од потегот на неговиот сопартиец, пратеникот Кастриот Реџепи, Касами рече: „Не, од ништо не сум изненаден“.