Двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои се во изолација поради ковид-19, под посебни протоколи присуствуваат на денешната собраниска седница за изгласување недоверба на Владата.
Пратеникот и координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и неговата сопартијка, пратеничката од Гевгелија, Ангелинка Петкова, пред почетокот на седницата влегоа во посебните изолирани кабини во собраниската сала.
„Се надевам дека нема да има кривична пријава за биолошки тероризам овој пат. Веројатно сите сме свесни што зборував пред година и пол за потребата од онлајн работа“,
порача собранискиот спикер Талат Џафери.
Инаку, претходно ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа кривични пријави за непостапување според здравствените прописи против Џафери и пратениците Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, поради седницата кога двајцата пратеници гласаа изолирани во кабините крај пленарната сала, за пакет економски мерки за справување со пандемијата.
Потоа Комисијата за заразни болести објави дека има протоколи под кои пратеници позитивни на ковид-19 може да гласаат во Собранието, облечени во скафандери и во одвоена просторија во Собранието.