Полската опозиција бара да се започнат политички консултации со сојузниците во НАТО, според член 4, за да се подигне ескалацијата на кризата на меѓународно ниво
Граничната стража од почетокот на годината забележала 3 000 обиди за илегално преминување на границата и дека во последните денови има забележлива ескалација
Поради ескалацијата на мигрантската криза на источните граници на Европската унија, во балтичките републики и Полска, Владата во Варшава ја разгледува можноста за целосно затворање на границата со Белорусија преку која поголеми групи мигранти насилно се обидоа да преминат во Полска.
„Размислуваме такво сценарио. Испраќаме информации до властите на Белорусија дека се заканува таква опасност доколку не престанат со своите активности“,
изјави денеска владиниот портпарол Пјотр Милер за порталот „Виртуелна Полска“.
Во вторникот, придружувани од белоруски служби, група од околу 800 мигранти, претежно од Ирак и Блискиот Исток, главно помлади мажи, но и жени со деца, пристигнаа во близина на граничниот премин кај Кузница, Полска, и се обидоа да ја пробијат бодликавата жица до Полска, но биле запрени од кордон полицајци и солзавец.

Ноќта ја мина под шатори во шумата, а како што изјави денеска портпаролката на полската гранична стража засега нема знаци за подготовки за нов пробив на таа група на полска територија, додека официјалниот граничен премин во Кузница од вчера е затворен за сообраќај.
„Имавме три поголеми обиди за преминување на границата за 24 часа, околу 100 лица кај Кринка, околу 200 во Бјаловјежа. Тие луѓе беа фатени и вратени во Белорусија“,
соопштија од полската погранична служба.
Министерот за одбрана Мариуш Блашчак објави на Твитер дека веќе има 15 000 војници на полската граница, заедно со илјадници граничари и полицајци.
Полските власти проценуваат дека долж границата од белоруска страна има меѓу 2 000 и 4 000 мигранти, кои летово пристигнале со авиони од блискоисточните престолнини, со легални белоруски туристички визи. Тие се сместени во хотели, а потоа белоруските служби ги превезуваат и ги следат до границата, каде досега во мали групи се обидувале да ја совладаат импровизираната ограда од жица и да преминат во Полска, а потоа да продолжат кон Германија.
Европската унија и НАТО покажаа солидарност со Полска и балтичките земји, а како што рече владиниот портпарол Пјотр Милер, официјална Варшава предлага санкции против авиокомпаниите, пред се белоруската национална авиокомпанија „Белавија“, но и турските компании кои веќе летаат за Минск.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел допатува во Варшава за да разговара со премиерот Матеуш Моравјецки како да се бори против понатамошната ескалација на мигрантската криза на новоотворената источна рута, бидејќи и ЕУ и Полска и балтичките земји го обвинија режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко за користење на мигрантите како хибриден инструмент за дестабилизација на ЕУ.

ЕУ и нуди на Полска да испрати граничари на Фронтекс на границата со Белорусија, а полската опозиција бара да се започнат политички консултации со сојузниците во НАТО, според член 4, за да се подигне ескалацијата на кризата на меѓународно ниво. Сепак, владата на премиерот Моравиецки досега ги отфрли тие предлози, тврдејќи дека Полска е способна сама да ја брани границата.
„Ова е прва ваква ситуација во последните 30 години, нашата безбедност и интегритетот на нашите граници да бидат нападнати и тестирани на таков брутален начин“,
изјави вчера премиерот Моравиецки на вонредната дебата во Сејмот на полскиот парламент.
Опозицијата во Сејмот ја поддржа Владата во обвинувањата на Лукашенко и Русија за ескалација на кризата, но побара, меѓу другото, новинарите да бидат пуштени во појасот широк три километри вдолж границата со Белорусија, каде од септември е во сила вонредна состојба.
Портпаролот на координаторот на полските специјални служби Станислав Жарин денеска изјави дека Граничната стража од почетокот на годината забележала 3 .000 обиди за илегално преминување на границата и дека во последните денови има забележлива ескалација.
„Тие управуваат и поттикнуваат миграција на рути на мигранти на одреден начин, меѓу другото преку Фејсбук. Во последните денови успеавме да затвориме неколку такви групи. Фејсбук е отворен за соработка, а имаме и поддршка од американската амбасада во Варшава“,
рече Жарин.