Грчкиот премиер Мицотакис е под силен притисок од националистичките кругови, вклучувајќи и елементи во неговата Нова Демократија, кои за неодамнешните потези во земјава сакаат цврст одговор од Атина во форма на блокада на ЕУ интеграцијата
Во екот на случувањата на домашната политичка сцена кои ги иницираше најавата на Зоран Заев за оставка од премиерската и лидерската функција во СДСМ, вестите кои доаѓаат од Грција како да паѓаат во втор план. Но, информациите од Атина воопшто не се наивни за да бидат третирани како второстепени во однос на развојот на ситуацијата во земјава. Победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, постизборната реторика и чекорите што следеа – потпишување на свечени советнички изјави на кои наместо уставното стои поранешното име Република Македонија, нејасните изјави за Преспанскиот договор и неговото имплементирање, го вклучија црвеното светло во врвот на грчката влада. Атина не крие дека не е задоволна од случувањата во земјава кои тамошни одредени политички кругови веќе ги толкуваат како сигнал дека Грција треба да заземе поцврст став. Првата порака ја прати алтернативниот министер за надворешни работи, Милтиадис Варвициотис, велејќи дека „враќањето на една националистичка реторика во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување на ЕУ“. Професорот на Универзитетот „Македонија“ и член на влијателната тинк-тенк група ЕЛИАМЕП, Јанис Армаколас, за „360 степени“ ја објаснувава ситуацијата во Грција и потенцијалните механизми кои грчката влада може да ги искористи во наредниот период.
Дали постои интерес во грчката јавност за последните политички случувања во Северна Македонија?
„Да, во последните неколку дена има голем интерес во јавноста – грчките медиуми одблиску ги следат настаните во Северна Македонија и морам да кажам дека и противниците на Договорот од Преспа, во медиумите и политичари кои ја критикуваат владата, ја користат оваа можност да го актуелизираат прашањето за Грција да се повлече од Договорот или да го поништи Договорот. Што значи дека оваа политичка криза во Северна Македонија е можност за нив“,
вели професорот Армаколас.
Дали верувате дека грчката влада може да ја блокира натамошната интеграција на Северна Македонија во ЕУ ако потенцијалната нова влада во Скопје целосно не ги спроведе и не ги почитува одредбите од Уставот и од Договорот од Преспа?
„Видете, алтернативниот министер за надворешни работи, Варвициотис, веќе спомена дека Грција ќе ја разгледа својата позиција или ќе ја промени својата позиција во однос ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија ако има националистичка реторика или нецелосна имплементација на Преспанскиот договор. Така што, ова веќе официјално беше кажано и мислам дека силите што се противат на Преспанскиот договор, а се во структурите на Нова Демократија, вклучувајќи барем еден поранешен премиер, ќе ја притиснат владата остро да реагира на какви било инциденти што би дошле од Северна Македонија“,
анализира Армаколас.
На каква силна реакција мислите?
„Мислам барем на тоа да не се биде толку пријателски настроен кон Северна Македонија и да не се поддржува евроинтеграцискиот процес. Но, како што веќе реков, во Нова Демократија постои група која би сакала да го види Преспанскиот договор поништен и сите обврски што произлегуваат од него“,
изјави Армаколас за „360 степени“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето последно интервју изјави дека нема да ја повторува придавката Северна Македонија толку често колку што ја повторуваше Зоран Заев, а во исто време вели дека Договорот од Преспа е реалност. Ако ова е пристапот на Мицкоски како можен иден премиер, дали Атина тоа ќе го смета за доволно?
„Штета е што овој разговор го имаме денеска зашто сметам дека конкретната изјава на г-дин Мицкоски дури утре ќе се најде во грчките весници и, секако, нема добро да биде примена, зашто, во суштина, тој имплицира на некаков двоен дискурс – дека ќе се обиде да го имплементира и почитува Договорот, но дека нема да го употребува новото име Северна Македонија. Мислам дека Грција стави јасно до знаење дека кога вели „почитување на Договорот“ мисли употреба на новото име Северна Македонија, а не само Македонија. Мислам дека штом Грција ќе види како врвни политичари во земјата – премиерот или министри го употребуваат името Македонија наместо Северна Македонија, таа веднаш ќе реагира. Мислам дека ќе се вратиме назад на многу лошо расположение меѓу двете земји и ќе има последици како оние што претходно ги споменав и затоа не мислам дека ова е опција. Мислам дека која било влада во Скопје, ако сака да продолжи да гради добри односи со Атина и да ја има Грција за поддржувач на ЕУ-интеграциите, мора целосно да го почитува Преспанскиот договор, вклучувајќи ја и употребата на новото уставно име Северна Македонија“,
вели Јанис Армаколас.