Социјалдемократите и преку денешното соопштение ги повикаа на соработка сите прогресивни демократски сили и пратеници кои, како што велат, се за европска иднина на државата
Со партнери кои се анти-ЕУ, анти-НАТО и анти-Преспа, јасна е агендата на Мицкоски, нема никакви вредности ниту платформа, само желба за власт, реагираат од СДСМ откако ВМРО-ДПМНЕ утрово повтори дека има мнозинство за пад на владата на Зоран Заев и оти социјалдемократите само ги плашат граѓаните со тоа што лепат етикети на опозициската партија.
Во реакцијата од СДСМ велат дека деновиве ќе се покаже дали Мицкоски капацитет и одговорност. Конфликтот на ставови кои, според нив, го имаат политичките партии во новото мнозинство не може да испорача ништо во интерес на граѓаните.
„Информациите кои вчера се појавија во јавноста, дека дел од пратениците кои се потпишале биле злоупотребени, кажува за какви ’принципи‘ станува збор. Со партнери кои се против НАТО, кои се против Договорот од Преспа, кои се против концептот едно општество за сите, против членството во ЕУ, јасна е агендата на Мицкоски. Нема тука никакви политички идеи, никакви вредности, нема политички принципи, платформа, Мицкоски има само и единствено желба за власт. Конфликтот на ставови, конфликт на политики и конфликтот на вредности на сите овие политички субјекти не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата“,
велат од СДСМ.
Социјалдемократите и преку денешното соопштение ги повикаа на соработка сите прогресивни демократски сили и пратеници кои, како што велат, се за европска иднина на државата.