И во случај Заев да поднесе оставка или, пак, да му биде изгласана недоверба, разврската би била слична: Неговата влада останува на должност до избор на нова влада: политичка, која ќе продолжи да ја предводи извршната власт во земјава, или техничка – до одржување предвремени парламентарни избори
Ако Зоран Заев до понеделник ја формализира оставката што ја најави на премиерската функција, досегашната опозиција, засилена од Беса, нема да достави барање за гласање доверба на Владата, според изјавата што ја даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Иако првично објави дека има ново парламентарно мнозинство, Мицкоски, околу два часа подоцна, рече дека мнозинството што е договорено вечерва е само гаранција дека досегашната Влада, предводена од Заев, е минато, а дека за се друго допрва ќе се разговара и ќе се носат одлуки. Откако Владата на Заев и формално ќе биде во оставка, според Мицкоски можни се две опции: ова мнозинство (од 61 пратеник, како што се тврди) да избере нова политичка влада, доколку се постигне договор за тоа или да изгласа распуштање на парламентот за одржување брзи предвремени избори.
Ако Заев ја поднесе оставката во парламентот, таа само би требало да биде констатирана, со што целата Влада ќе биде во оставка. Со тоа би станало беспредметно најавеното гласање (не) доверба на Владата. Во случај, пак, Заев да не ја официјализира оставката, опозицијата би можела да поднесе интерпелација, за што, според Уставот, се потребни само 20 пратеници. Во таков случај, претседателот на парламентот би требал да ја стави иницијативата на седница во рок од три дена, кога, на „самото место“ ќе се види дали ВМРО-ДПМНЕ навистина има 61 глас за уривање на Владата.
И во случај Заев да поднесе оставка или, пак, да му биде изгласана недоверба, разврската би била слична: неговата влада би останала на должност до избор на нова влада: политичка, која ќе продолжи да ја предводи извршната власт во земјава, или техничка – до одржување предвремени парламентарни избори. И во двата случаи, „топката“ се префрла кај претседателот на државата, кој треба да го даде мандатот за формирање нова влада.
Во краен случај, можно е и прашањето за доверба на Владата да се најде на дневен ред, но да не бидат обезбедени потребните 61 глас. Во таква ва ситуација, Уставот предвидува дека повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.
Премиерот Зоран Заев, најави оставка ноќта на 1 ноември, откако СДСМ доживеа пораз во вториот круг од локалните избори. До вечерва тој не ја официјализираше оставката, односно не ја поднесе до Собранието кое треба да ја констатира. Со тоа се остави простор за гласање (не) доверба на Владата.
Повеќето владејачки партии, а пред се СДСМ, тврдеа дека досегашното парламентарно мнозинство, во кое партиципираа 62 пратеници, вклучително со Беса, е стабилно и дека се водат разговори за мандатар кој би го наследил Заев.
И покрај најавите од Беса дека ќе го преиспита учеството во Владата, поради тоа што ДИК прифати приговор на ДУИ за Желино, од СДСМ и денеска излегоа со тврдење дека мнозинството е стабилно. Од партијата посочија дека одржале состанок на кој Заев информирал за консултациите и разговорите со коалициските партнери. Иако Заев не ја официјализирал ниту оставката на лидерската позиција во СДСМ, што треба да го направи на седница на Централниот одбор, од партијата посочија, исто така, дека „со оставката на Заев во оставка е и целото партиско раководство“.
Во март годинава, Заев ненадејно се појави во парламентот и самиот побара Собранието да ѝ гласа доверба на неговата Влада, како одговор на тогашните тврдења на Мицкоски дека е на чекор до ново парламентарно мнозинство. Тогаш, Собранието, повторно со 62 гласа, ја потврди мнозинската поддршка за владата на СДСМ, ДУИ и на Беса, која на последните парламентарни избори, минатата година, настапуваше во коалиција со социјалдемократите.