СДСМ објави податоци за освоените гласови и советнички места, кои, споредени со бројките од ланските парламентарни избори, укажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ изгубила околу 23 илјади гласа, а Алијансата околу 27 илјади, додека кај СДСМ реалната загуба, за нешто повеќе од една година, е околу 35 илјади
Партиите што се дел од владејачката коалиција збирно освоиле над 19 илјади гласа повеќе од збирниот скор на опозициските партии, според податоци што ги објави СДСМ за секоја од парламентарните партии поединечно, вклучително со помалите партии кои во одредени општини имале свои листи за советници.
Од друга страна, според овие податоци, разликата во гласови меѓу двете најголеми партии е околу 51 илјада, односно ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи има близу 292 илјади, а СДСМ речиси 241 илјада. Од друга страна, нешто помала е разликата меѓу двете моментно водечки партии во албанскиот блок, владејачката ДУИ, која има над 104 илјади гласа на советничките листи во сите општини во кои настапувала на изборите и опозициската Алијанса за Албанците, чиј скор е над 55 илјади.
Владејачките партии збирно освоиле 419 180 гласа, а опозициските 400 090 или соодносот во советнички места е 664 наспроти 603.
На ланските предвремени парламентарни избори, кои исто така се спроведуваат според пропорционален модел (но во шест изборни единици), како и изборите за советници, речиси сите партии имаа „подебели изборни салда“: Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, освои над 327 илјади гласови и 46 пратенички мандати, настапувајќи во коалиција со Беса. но и со ДОМ и ЛДП и други помали партии кои, пак, на овие избори излегоа самостојно. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова“, пак, освои над 315 илјади гласаи 44 пратенички мандати. Поточно, разликата меѓу двете коалиции беше околу 12 илјади.
Според тоа, коалицијата со која СДСМ настапи на овие избори „изгубила“ над 85 илјади гласа, односно реалната загуба е околу 35 илјади, со оглед на тоа што Беса и ДОМ/ЛДП, кои овој пат, за разлика од лани настапуваа самостојно, освоија околу 50 илјади на советничките листи. Падот во гласови кај ВМРО-ДПМНЕ, пак, изнесува околу 23 илјади.
Алијансата за Албанците, пак, на ланските парламентарни избори, во коалиција со Алтернатива, освоила близу 82 илјади гласа и 12 пратенички мандати, што значи дека на овие избори има пад од околу 27 000 гласа.
Во споредба со ланските избори, пораст во гласови има единствено кај Левица, која на советничките листи има над 50 илјади гласа, за разлика од пратеничките листи во 2020 година, кога имала над 37 илјади, кои ѝ донесоа два пратенички мандати. Исклучок е и ДУИ, кај која падот од ланските до овие избори е незначителен – од 104 699 на 104 393 гласа.
Артан Груби од ДУИ вчера објави и симулација како би изгледал парламентот ако во првиот изборен круг на 17 октомври, наместо за советници во 80 општини, се гласаше за пратеници. Во таков случај, според пресметката што ја објави, распоредот на сили во парламентот би бил пата-пата, односно сегашните партии кои се дел од парламентарното мнозинство би имале 60 пратеници, исто колку и партиите што се во опозиција.