Свој став за оставката на премиерот Заев, која ја поднесе по објавувањето на резултатите од локалните избори во Македонија, искажа и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вели дека таа се должи и на разочарувањето на македонскиот премиер од преговорите за членство на земјата во ЕУ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оцени дека оставката на премиерот Зоран Заев не е само последица на резултатот што го постигна неговата партија на локалните избори, туку и лично разочарување во однос на разговорите со Европската Унија (ЕУ).
„Рекоа дека ако го потпишат Договорот од Преспа, Северна Македонија ќе добие отворање на преговорите со ЕУ, а тоа не се случи“,
изјави Вучиќ за ТВ Пинк од Глазгов, каде што учествува на Самитот на ОН за климатските промени.
Тој рече дека по оставката на Заев остануваат многу прашања како ќе се развиваат работите во следниот период, односно дали ќе се одржат нови избори или ќе остане сегашното мнозинство, дали ќе се промени односот кон Бугарија и дали ќе се влошат политичките услови во Македонија.
Заев синоќа најави оставка од премиерската функција и од претседателското место во СДСМ, при што изјави, меѓу другото, дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.
„Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено“,
рече Заев.