Безбедносните активности се направени бидејќи трети страни успеале за изгенерираат четири лажни ЕУ-сертификати со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека тие примиле вакцина во С Македонија
Во текот на вчерашниот ден граѓаните кои имаат генерирано ЕУ-дигитален сертификат за вакцинација преку vakcinacija.mk добиваа пораки дека тој е повлечен од технички причини и дека треба да генерираат нов. Од Министерството за здравство денеска појаснуваат дека станува збор за безбедносен протокол за спречување на користење лажни ЕУ-сертификати.
Како што појаснуваат, безбедносните активности се направени бидејќи трети страни успеале за изгенерираат четири лажни ЕУ-сертификати со лажни имиња и лажни лични податоци, а на сертификатот пишувало дека примиле вакцина во С Македонија.
„Во лажните ЕУ-сертификати не беа напишани имиња и податоци на наши државјани. Личните податоци на нашите граѓани се безбедни и нивната сигурност не е нарушена, а воедно безбедноста на системите е зголемена и активно се следи и подобрува, што придонесува во иднина да се избегне ваков случај“,
велат од Министерството за здравство.
Додаваат дека сите земји што имплементирале EUDCC се соочуваат со постојани напади на нивните системи од трети, малициозни страни, а меѓу нив е и земјава.
„Тимовите на Министерството за здравство се во постојана комуникација со тимовите за сајбер-безбедност што ја поддржуваат инфраструктурата на EUDCC, ангажирани од Европската Комисија. Со цел поништување на лажните сертификати и обезбедување на зголемена заштита, EU сертификатите на граѓаните на Република Северна Македонија се одново генерирани. Секој граѓанин може, на многу едноставен начин, за помалку од една минута, да го преземе својот личен ЕУ-сертификат преку пристап на порталот vakcinacija.mk“,
велат од Министерството за здравство.
Појаснуваат дека не станува збор за генерирање или повлекување од употреба на Националниот сертификат за вакцинација, туку за генерирање на ЕУ-сертификатот кој исто така може да се преземе на vakcinacija.mk, како и CommonPass.