За разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ кога во државата се молчело, според Заев, денеска сме држава во која гласно се зборува и има најтранспарентна влада во регионот

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва од битолчани побара поддршка на 31 октомври за кандидатот за градоначалник на Битола, Христо Кондовски, и повика на обединување зошто во спротивно државата ќе се движи назад.
„Во име на е што постигнавме досега, сакам да пратам порака на заедничко делување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, во огромна неизвесност и криза. И граѓанскиот сектор и стопанството досега имаа можност да се уверат дека знаеме да слушаме, дека знаеме да постапуваме по она што ни го укажувате и во име на досега сработеното за Битола, имаме право денес од вас да ја бараме вашата поддршка. Граѓанскиот глас е совест на општеството, да се обединиме во името на иднината на Битола и државата. Да се обединиме и да гласаме да продолжи унапредувањето на слободата и демократијата, да продолжи да го негуваме концептот „Едно општество за сите“, да гласаме да продолжиме по заедничкиот пат, по правиот пат на напредокот, наместо да се враќаме назад во изолацијата и поделбите“,
рече Заев на средба со граѓанскиот сектор во Битола, активистите и општествениците од овој град.

Лидерот на СДСМ порача дека за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ кога во државата се молчело, денеска сме држава во која гласно се зборува и има најтранспарентна влада во регионот.
„Пред четири години државата беше заробена, изолирана, а критичката мисла беше загрозена и често пати погазувана од страна на власта. Ние за четири години направивме целосна трансформација. Државата ја вративме на вистинскиот колосек, ги отворивме институциите за граѓаните, политиките ги градевме заедно со граѓанскиот со невладиниот сектор“,
рече Заев.