Во мандатот на Трамп, Министерството за финансии на САД ги укина финансиските санкции против три компании поврзани со рускиот олигарх, а дел од медиумите пренесуваат дека претресите се поврзани токму со санкциите воведени против бизнисменот

Агентите на Федералното истражно биро (ФБИ) опколија куќа во Вашингтон поврзана со рускиот олигарх Олег Дерипаска.
ФБИ соопшти дека активностите на агентите се во рамки на законот и одобрени од судот, но не наведе други детали во врска со акцијата или за евентуална истрага против Дерипаска.
Медиумите пренесуваат дека ФБИ врши претрес и во куќа сопственост на роднини на богатиот Русин во Њујорк. Информациите за новинската агенција ТАС ги потврди и портпаролката на рускиот бизнисмен, но според нејзината изјава, и во Вашингтон и во Њујорк станува збор за куќи кои не се во сопственост на Дерипаска туку на негови роднини.

Рускиот олигарх важи за близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин и како што потсетуваат медиумите, повеќе пати беше споменуван во извештајот за руското мешање во американските избори во 2016 година, кој го подготви специјалниот советник на американското Министерство за правда, Робер Милер. Дерипаска беше поврзуван и со некогашниот шеф на изборниот штаб на експретседателот Доналд Трамп, Пол Манафорд.
Во мандатот на Трамп, Министерството за финансии на САД ги укина финансиските санкции против три компании поврзани со рускиот олигарх, а дел од медиумите пренесуваат дека претресите се поврзани токму со санкциите воведени против бизнисменот.