Кандидатката за Скопје, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека вчерашното гласање покажало дека скопјани сакаат промени
Данела Арсовска, кандидатката за градоначалничка на Скопје, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и други опозициски партии, објави попладнево дека влегува во вториот круг со предност од 5 334 гласа пред кандидатот на СДСМ и досегашен градоначалник, Петре Шилегов.
Таа рече дека изборниот резултат од вчерашното гласање покажува дека скопјани сакаат промени. Исто така, таа го критикува Шилегов за, како што рече, лажни ветувања и за црна кампања против неа.
„Скопјани донесоа голема победа за водство во првиот круг. Голема победа која покажува дека знаеме дека во Скопје е време за промени. На скопјани им е доста од лажни ветувања. Овие три недели за мене беа интересна трка, која покажа дека црната кампања веќе не поминува кај скопјани“,
рече Арсовска.
Освен на оние што гласале за неа, Арсовска им се заблагодари за поддршката и на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијанса и на Алтернатива. Рече, исто така, дека е позитивно изненадена од граѓански иницијативи што станаа дел од советите.
„Нивните програми ќе бидат дел од моите приоритети во четиригодишниот мандат. Во оваа пригода ги повикувам сите оние што не се задоволни од досегашните градски власти, да се здружиме и да ги победиме. Скопје не смее да биде град на политика, туку треба да биде модерна метропола“,
рече Арсовска.
Според последните резултати од ДИК, од над 92 отсто обработени избирачки места, таа влегува во вториот круг како првопласирана, со освоени над 37 проценти од гласовите, во конкуренција со уште 11 кандидати за скопски градоначалник. Во вториот круг, Арсовска ќе има директен дуел со Шилегов, кој вчера освои над 34 проценти од гласовите на излезените избирачи.