Општината Центар има 23 советнички места. Во последните неколку изборни циклуси мнозинството секогаш било „тесно“. Тројцата советници на „Шанса за Центар“ веројатно ќе бидат клучни за било која од големите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, да направат мнозинство во Советот
Независната листа за советници во општината Центар, Шанса за Центар, предмалку објави дека освоиле три советнички места во најбогатата локална самоуправа во земјата. На Фејсбук тие објавија:

„Другари и сограѓани, денеска создадовме шанса за Центар! Со еден советник бевме гласни, а сега со тројца ќе грмиме! Во советот е моќта и ние ќе бидеме вашиот глас и вашата сила таму. Шанса за Центар прерасна во платформа која ќе се развива и станува посилна бидејќи ние сме обединети околу вредности, а не околу интереси. Сакаме да дадеме, а не да земеме! Продолжуваме заедно за промени во нашето општество. Искрено ваши
“
Независната листа ја предводи досегашната советничка во о.Центар, Јана Белчева. Таа беше носител на листата на СДСМ на минатите локални избори, но како независна кандидатка која произлезе од граѓанските иницијативи за борба против насилната урбанизација на центарот на Скопје. Тогаш ја доби поддршката од социјалдемократите и за претседателка на Советот на општината, но „љубовта“ траеше две и пол години. Белчева се судри и со советниците и со градоначалникот на општината од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ, по редица прашања поврзани со Деталните урбанистички планови во општината.
Општината Центар има 23 советнички места. Во последните неколку изборни циклуси мнозинството секогаш било „тесно“. Тројцата советници на „Шанса за Центар“ веројатно ќе бидат клучни за било која од големите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, да направат мнозинство во Советот.