За инцидентот во Центар утрово објави Дојче веле наведувајќи дека Бислимоски бил нападнат од Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ, Муса Џафери, кој е и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У пауер“
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски е добар, колку и да е тоа соодветен збор по инцидентот што се случи синоќа кога тој беше нападнат во центарот на градот. Нападот е пријавен во МВР, информира портпаролот на РКЕ, Марина Узунов.
„Сакам да ја информирам јавноста дека, како и досега така и отсега, РКЕ ќе продолжи да работи транспарентно и согласно законот, затоа што основен постулат во нашето дејствување е заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност и стабилност во електроенергетскиот систем. Единствено по што се водиме е словото на законот, така и ќе продолжиме да ги водиме постапките врз основа на силата на аргументите, а не на физичка сила“,
изјави Узунов за МИА.
Таа нагласи дека претседателот на РКЕ, Бислимоски, инцидентот го пријави во соодветните институции.
Како што информира претходно МВР, во СВР Скопје синоќа во 23:54 часот М.Б. (45) од Скопје пријавил дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ. (28) од Скопје.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
За инцидентот во Центар утрово објави Дојче веле наведувајќи дека Бислимоски бил нападнат од Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ, Муса Џафери, кој е и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У пауер“. Причината за нападот, како што наведе медиумот, е постапката за одземање лиценца на фирма која се занимава со снабдување со струја.