Како човек ми е тешко што главни теми во нашата земја се нечие отсуство на морал и чувство за одговорност, тоа се прашања за кои не треба да дебатираме и треба да бидат основни вредности кои политичарите треба да ги бранат, а не да ги рушат, напиша Мицкоски
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку Фејсбук реагира на одлуката на премиерот, Зоран Заев, да не ги прифати понудените оставките од министерот и заменик-министерот за здравство, а поврзани со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаат 14 лица.
„Како човек никогаш нема да прифатам дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик-министерот се директно одговорни за животите на пациентите во болницата. Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел – да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри“,
пишува Мицкоски.
Тој, јавно упати неколку прашања како тоа кој дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати, кој дозволил опасни боци на кислород во необезбедена болница и кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата.
„И кој друг ако не министерот, заменикот-министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите. Кажете и јавно на јавноста дека Заев и Ахмети здружено, како и за други тендери, се договориле никој да не одговора. Како човек ми е тешко што главни теми во нашата земја се нечие отсуство на морал и чувство за одговорност, што се прашања за кои не треба да дебатираме и треба да бидат основни вредности кои политичарите треба да ги бранат, а не да ги рушат. Јас верувам во мојот народ. Сигурен сум и дека народот знае како да постапи и заедно да ги заштитиме вредностите во кои веруваме и да бидеме силата на промените кои сакаме да ги видиме“,
напиша Мицкоски.
Премиерот Заев, денеска, соопшти дека не ги прифаќа понудените оставки од морални причини на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани.
„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани, кои од морални прични поднесоа оставки. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“,
изјави денеска премиерот Заев.
Тој останува на ставот оти нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница.
„Ние политичарите и извршната власт, генерално, не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постпауваа по наредба на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“,
рече Заев.
Додаде дека сега е најважно да се засилат контролите и проверките во сите останати модуларни болници со цел да се намали ризикот од вакви несреќи.