Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, рече Заев
Премиерот Зоран Заев не ги прифати понудените оставки од морални причини на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, во врска со пожарот што избувна на 8 септември годинава во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица.
„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани, кои од морални прични поднесоа оставки. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“,
изјави денеска премиерот Заев.
Тој останува на ставот оти нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница.
„Ние политичарите и извршната власт, генерално, не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постпауваа по наредба на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“,
рече Заев.
Додаде дека сега е најважно да се засилат контролите и проверките во сите останати модуларни болници со цел да се намали ризикот од вакви несреќи.
Претходно денеска од државното јавно обвинителство (ЈОРСМ) соопштија дека во Основното јавно обвинителство-Тетово е доставен извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во модуларната ковид-болница, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.
„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“,
се вели во соопштението.